Фармацевтската компанија „Модерна“ планира да ја продава стандардната доза на вакцина против коронавирус по цена од 50 до 60 американски долари, што е за околу 11 американски долари повеќе од цената на вакцините што планираат да ги продаваат „Фајзер“ и „БиоНТех“, објави „Фајненшл тајмс“ повикувајќи се на неименувани извори.
Предложената цена на „Модерна“ е повеќе од 39 американски долари за две дози од сума што ја договорија компанијата „Фајзер“ и германскиот „БиоНТек“ и американската влада, пишува весникот истакнувајќи дека „Модерна“ ја држи таа цена за САД и другите побогати земји.
„Модерна“ неделава ја почна последната трета фаза на клиничко испитување на вакцината, кое ќе биде пообемно и во него ќе учествуваат околу 30 000 луѓе.
Во оваа завршна фаза вакцината ќе биде тестирана на 87 локации во 30 сојузни американски држави и во Вашингтон, а околу половина од локациите се во државите кои се тешко погодени од новиот коронавирус, како: Тексас, Калифорнија, Флорида, Аризона, Северна и Јужна Каролина.
Развивањето на вакцината на оваа компанија го поддржа и федералната влада со речиси половина милијарди долари. Во понеделникот беше објавено дека владата двојно ги зголемува инвестициите за развојот на оваа вакцина, со што вложената сума од американските власти се искачи на речиси една милијарда долари.
Американските власти двојно, односно на речиси една милијарда долари ги зголеми инвестициите за развој на потенцијалната вакцина против ковид-19 што ја развива американската компанија „Модерна“.
За првичните позитивни резултати од оваа вакцина медиумите пишуваа и во мај. Тогаш Би-би-си јави дека првите сигнали упатуваат на тоа дека таа може да го зајакне имунолошкиот систем на луѓето, односно дека создава антитела кои можат да го неутрализираат вирусот. Испитувањата тогаш покажаа дека антителата кои се развиваат од вакцината се слични на реакциите на имунолошкиот систем кај луѓето кои се заразиле и со ковид-19 и создале антитела.
Ова беа резултати од првата фаза на тестирање врз луѓе. Претходно, таа се тестираше и на глувци, кога се покажа дека може да го спречи вирусот да се реплицира во нивните бели дробови.