Во објавата на платформата Икс се наведува дека американските воени бродови кои се наоѓаат во соседните води засега ќе останат на своите позиции

Американската армија ја укина блокадата за пловните објекти што влегуваат и излегуваат од иранските пристаништа и крајбрежни зони, соопшти денеска Централната команда на Вооружените сили на САД (ЦЕНТКОМ).
Во објавата на платформата Икс се наведува дека американските воени бродови кои се наоѓаат во соседните води засега ќе останат на своите позиции.
„Денес, американските сили ја укинаа блокадата на целиот поморски сообраќај што влегува и излегува од иранските пристаништа и крајбрежните области, во согласност со упатствата на претседателот. Американските сили не го попречуваат транзитот на бродови до или од иранските пристаништа. Сите напори на американската војска за спроведување на блокадата се прекинати. Нашите воени бродови ќе останат во општата област за да се осигурат дека сите аспекти на договорот се почитуваат и се во полна сила и ефект“,
се вели во објавата.
Today, U.S. forces lifted the blockade on all maritime traffic entering and exiting Iranian ports and coastal areas, in accordance with the President's direction. American forces are not impeding the transit of vessels to or from Iranian ports. All U.S. military blockade…
— U.S. Central Command (@CENTCOM) June 18, 2026
Претходно денеска американскиот потпретседател Џеј-Ди Венс изјави дека 12,5 милиони барели нафта поминале низ Ормускиот Теснец по потпишувањето на меморандумот за разбирање меѓу САД и Иран за ставање крај на речиси четиримесечната војна.
Венс додаде дека Иран во текот на изминатата ноќ не нападнал ниту еден брод и оцени дека на Исламската Република ќе ѝ бидат потребни значителни финансиски средства за обнова на нејзината програма за нуклеарно оружје.
Претседателите на САД и Иран, Доналд Трамп и Масуд Пезешкијан, одделно го потпишаа договорот за прекин на војната на Блискиот Исток.
Според најавите, утре во Швајцарија би требало да се одржи официјална церемонија по повод потпишувањето на меморандумот, а ќе започнат и техничките разговори за неговата имплементација.
Инаку, силите на САД на 13 април годинава ја започнаа најавената блокада на иранскиот брег, во рамките на која се запираат сите бродови што влегуваат или излегуваат од иранските пристаништа.
