Американскиот амбасадор во Косово, Џефри Ховениер, зборувајќи за неодамнешната посета на косовскиот премиер Албин Курти на Северна Македонија, рече дека САД не поддржуваат ниту „голема Албанија“ ниту „голема Србија“
Амбасадата на Соединетите Американски Држави во Скопје не гледа за неопходно да ја коментира посетата на премиерот на Косово, Албин Курти, на Скопје и Тетово пред неколку дена бидејќи, како што велат оттаму, „настаните ги видовме како бескорисни“.
„Настаните ги видовме како бескорисни и ве упатуваме на коментар во Амбасадата на САД во Приштина“,
велат од амбасадата за порталот „Индекс.мк“.
Американскиот амбасадор во Косово, Џефри Ховениер, зборувајќи за неодамнешната посета на косовскиот премиер Албин Курти на Северна Македонија, рече дека САД не поддржуваат ниту „голема Албанија“ ниту „голема Србија“.
„Соединетите Американски Држави не поддржуваат ‘голема Албанија’ или ‘голема Србија’, ниту, пак, прекројување на државните граници во балканскиот регион. Секој обид да се направи тоа би бил контрапродуктивен и дестабилизирачки. САД силно го поддржуваат територијалниот интегритет на сите земји од Западен Балкан, вклучително и Косово“,
рече Ховениер, пренесува „Газета експрес“.
Албин Курти минатата недела престојуваше во неофицијална посета на земјава без средби со државниот врв, но со заеднички активности со градоначалниците на Чаир и Тетово – преименувањето на улица во Општина Чаир и посета на планинското село Вејце во Општина Тетово.
Посетата предизвика лавина реакции во јавноста поради тоа што на манифестацијата во Тетово се вееше знаме на „голема Албанија“, не можеа да се видат македонски знамиња, а не се интонираше ниту македонската химна.
Тоа наиде на осуда од страна на премиерот Димитар Ковачевски и на претседателот Стево Пендаровски.
Од кабинетот на Ковачевски истакнаа дека е недозволиво да се веат знамиња кои не се државни и да не се интонира македонската химна.
Организаторите на јавните собири во Тетово и во Чаир мора да бидат законски санкционирани за кршењето на законските одредби во однос на употребата на државното знаме и химна и знамињата и симболите на заедниците, со целосно игнорирање на симболите на државата. Во таа насока ги повикувам надлежните органи во најкус можен рок да ги завршат пропишаните постапки, реагира шефот на државата, порача Пендаровски.
Градоначалниците Билал Касами и Висар Ганиу добија прекршочни пријави за тоа што не ги испочитувале државните симболи при посетата на Курти.