Кои се четириесетината пратеници од претходниот собраниски состав што добија апанажи, а кои се пензионираат со отпремнина од две просечни плати…
Четворица пратеници од претходниот состав заминуваат во пензија со отпремнина од парламентот. Меѓу нив се долгогодишните пратеници Лилјана Поповска (64) од ДОМ и Амди Бајрам (64) од Сојузот на Ромите, кои во деветтиот собраниски состав беа дел од парламентарното мнозинство, на чело со СДСМ, а претходно коалицираа и со ВМРО-ДПМНЕ додека партијата беше на власт.
Барање за исплата на отпремнина поради исполнување услови за пензија побарала и поранешната пратеничка на Социјалистичката партија, Владанка Авировиќ (66), која во последниот мандат се одвои од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и стана дел од Независната пратеничка група, која гласаше за уставните амандмани што произлегоа од Преспанскиот договор.
Четвртиот експратеник што заминува во пензија со отпремнина од две просечни плати на ниво на државата е Неџбедин Каремани (65) од Беса/Алтернатива, која првпат стана парламентарна партија по изборите во 2016 година.

Освен овие четворица пратеници, уште четириесетина од претходниот состав побарале апанажи, кои им се одобрени од Комисијата за избори и именувања. Повеќето од нив, согласно должината на функционерскиот стаж што го имале во континуитет во последните три години, имаат право на апанажа во висина на пратеничката плата, во траење од најмногу една година.

Според податоците што ги објави Антикорупциската комисијата, во периодот од 2014 до 2018 година (во периодот на осмиот собраниски состав и половина од претходниот – деветти состав), 107 државни функционери го искористиле правото на апанажа. Од нив, 29 биле службеници во Владата, а 78 во Собранието. Од 107 лица што се предмет на анализата, 89 лица по престанокот на користењето на апанажата повторно се вработиле – 46 во државни институции, а 43 во приватниот сектор. По апанажата не се вработиле 18 лица.
Износот на апанажата за лицата што биле на функции во Владата изнесува околу 71 000 денари, а на оние што им завршил пратеничкиот мандат околу 100 000 денари. Антикорупциската комисија објави дека ќе бара законски измени околу правото на апанажа по престанокот на функцијата.
На овие податоци реагираше спикерот Талат Џафери посочувајќи дека не е вистина дека пратениците имаат апанажа од по 100 илјади денари.
Од ДКСК потоа појаснија дека од Собранието им биле доставени податоци во бруто, а не во нето-износ, за разлика од другите институции од кои антикорупционерите барале информации за апанажите на нивни поранешни функционери.