За жал, беше констатирано дека системските провокации и одбивањето да се исполнат обврските на официјални претставници на соседната земја дополнително ја оддалечуваат од почетокот на преговорите со Европската Унија. Официјалниот и секој следен владин кабинет ќе ја продолжи природната линија на бугарската надворешна политика кон Република Северна Македонија, насочена кон гарантирање на човековите права и почитување на принципите на добрососедство“, се вели во соопштението од бугарското МНР
Амбасадорката во Софија, Агнеза Руси-Поповска, денеска била повикана во бугарското Министерство за надворешни работи за да ѝ се изрази остар протест поради вчерашната изјава на прес-конференцијата на вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски, во која посочи дека секогаш за време на изборите во Република Бугарија се злоупотребува темата Македонија. Николоски порача прво да ги средат работите по дома, да изберат политичка влада, како и дека потоа би седнале на маса и би разговарале.
Ова денеска го соопштија од бугарското МНР, посочувајќи дека на македонската амбасадорка во Софија од бугарска страна и бил реафирмиран конзистентниот став за европската перспектива на Скопје.
„За жал, беше констатирано дека системските провокации и одбивањето да се исполнат обврските на официјални претставници на соседната земја дополнително ја оддалечуваат од почетокот на преговорите со Европската Унија. Официјалниот и секој следен владин кабинет ќе ја продолжи природната линија на бугарската надворешна политика кон Република Северна Македонија, насочена кон гарантирање на човековите права и почитување на принципите на добрососедство“,
се вели во соопштението од бугарското МНР.
Коментирајќи ја последната реакција на бугарското МНР дека на властите во Скопје треба да им биде јасно оти обидите за покренување идеи за повторно преговарање на веќе преземните меѓународни обврски може да доведат само до дополнително оддалечување од почетокот на преговорите за членство во ЕУ, Николоски рече дека нема намера да одговара на луѓе што ловат политички поени, а кои во моментов се политички маргиналци во Бугарија, зашто се претставници на влада која нема легитимитет од никого.
„Ова не е политика на Бугарија од вчера, туку ова е политика на источниот сосед која ја имаме во континуитет од 2020 година. Таму се до толку нефункционални што не можат ни избори да закажат. Ова им е седма или осма техничка влада, не можат веќе ни луѓе да најдат за техничката влада. Прво нека ги средат дома работите“,
рече вицепремиерот.
Од бугарското МНР пред два дена излегоа со соопштение дека службената влада на Република Бугарија е легитимна влада која ги има сите прерогативи за управување со земјата, кое дојде како реакција на изјавата на македонскиот премиер Христијан Мицкоски дека во октомври во Бугарија се закажани избори, а дотогаш земјата ќе има техничка (службена) влада, па затоа треба да се почека да заврши тој процес за да продолжи дијалогот меѓу двете земји кога во Софија ќе има политичка влада.
Според бугарското МНР, Софија останува отворена за дијалог, без разлика дали земјата ја води службена или редовна влада. Но, како што нагласија, тој дијалог не вклучува репреговарање на веќе преземените обврски од Скопје.
Премиерот Христијан Мицкоски, пак, на прашањето дали има креативни решенија доколку Бугарија не сака да разговара или да репреговара за уставните измени, посочи дека треба да почекаме да се избере политичка влада во Бугарија, па потоа да отвориме дијалог, зашто смета дека сме соседи и треба да градиме добри соседски односи.