„Откако ќе се формира нова влада и ќе се избере премиер, ќе продолжиме да ја зајакнуваме важноста на почитувањето на меѓународните договори и придобивките од напредокот на државата со полноправно членство во Европската Унија“, е ставот на американската амбасада во С Македонија за вчерашната изјава на новоизбраната претседателка Гордана Силјановска-Давкова, која во Собранието наместо уставното име Република Северна Македонија користеше само Македонија
Соединетите Американски Држави остануваат цврсто посветени на Договорот од Преспа и на евроатлантските интеграции на Северна Македонија.
Ова е одговорот од американската амбасада во земјава даден за „360 степени“ на прашањето за вчерашната инаугурација на новоизбраната претседателка Гордана Силјановска-Давкова, која давајќи свечена изјава во Собранието наместо уставното име Република Северна Македонија користеше само Македонија.

„Откако ќе се формира нова влада и ќе се избере премиер, ќе продолжиме да ја зајакнуваме важноста на почитувањето на меѓународните договори и придобивките од напредокот на државата со полноправно членство во Европската Унија“,
велат од Амбасадата на САД во земјава.
За потсетување, додека претседателот на Собранието, Јован Митрески, вчера ја читаше свечената изјава во која е содржано уставното име Република Северна Македонија, новоизбраната претседателка на државата, Гордана Силјановска-Давкова, при повторувањето, користеше само Македонија.
„Изјавувам дека функцијата претседател на Македонија ќе ја вршам совесно и одговорно. Ќе ги почитувам Уставот и законите и ќе ги штитам суверенитетот, територијалниот интегритет и независноста на Македонија“,
рече Силјановска-Давкова во свечената заклетва.
Амбасадорката на Грција во земјава, Софија Филипиду, веднаш по заклетвата ја напушти собраниската пленарна сала во знак на протест. Од грчката амбасада рекоа дека тоа го сторила по инструкции од Министерството за надворешни работи на Грција.
Оттаму подоцна оценија дека некористењето на уставното име од Силјановска-Давкова е грубо кршење на Договорот од Преспа и Уставот на земјава.
Претседателите на Европскиот совет и на Европската комисија, Шарл Мишел и Урсула фон дер Лајен, упатија честитки до новата претседателка Гордана Силјановска-Давкова по повод нејзиното официјално стапување на функцијата.
Според Фон дер Лајен, за Северна Македонија да го продолжи својот пат кон ЕУ, потребно е да се почитуваат меѓународните договори како Преспанскиот.
Во кратко соопштение прес-службата на Европската Унија изрази жалење поради тоа што новата претседателка на Република Северна Македонија, Гордана Силјановска-Давкова, во свечената изјава не го употреби уставното име на земјава, туку користеше само Македонија.
Во кусото соопштение се додава:
„Европската Унија потсетува на важноста од целосно почитување на постоечките, правно обврзувачки договори, вклучувајќи го и Договорот од Преспа со Грција.“