Контаминацијата и метастазирањето на Левица во ВМРО-ДПМНЕ, враќањето на заедничките сценарија на ДУИ и ВМРО како во времето на груевизмот, сега со поддршка и на СДСМ, се лесни за читање и неприфатливи за Алијанса за Албанците, велат од партијата

Опозициската Алијанса за Албанците (АА) објави дека ја прекинува соработката со сите политички субјекти кои прават политичко профитерство со анатемизирање на Албанците, меѓу кои и ВМРО-ДПМНЕ со која соработуваше на последните локални избори.
Ова следува по последните случувања околу протестите во Скопје против францускиот предлог, меѓу кои и вчерашните настани поврзани со групата што се појави кај плоштадот Скендербег која ги нападна демонстрантите што маршираа во тој дел од градот. Дел од групата, со пиштол во рака, беше и Цуфи Кока, член на АА и брат на Зуди Енузи, в.д. директор на јавното претпријатие „Комунална хигиена“ во Скопје. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски објави фотографија од Цуфи Кока обвинувајќи дека сакал да го убие, а набргу скопската градоначалничка Данела Арсовска го разреши неговиот брат од директорската функција.
Прекинувањето на соработката со политички партнери, меѓу кои и со ВМРО-ДПМНЕ, на прес-конференција ја соопшти генералната секретарка на АА, Вјолца Бериша.
„Контаминацијата и метастазирањето на Левица во ВМРО-ДПМНЕ, враќањето на заедничките сценарија на ДУИ и ВМРО како во времето на груевизмот, сега со поддршка и на СДСМ, се лесни за читање и неприфатливи за АА. Не дозволуваме да бидеме ниту дел, ниту жртва на вакви сценарија. АА не дозволува повредување на Албанците, ниту омаловажување на Албанците, ниту нарушување на гордоста на Албанците. Затоа, без оглед на постојаните тенденции за извалкување на АА, нејзиниот чист и прав пат, кон западните вредности, кон целосна рамноправност на Албанците овде во Северна Македонија, објавуваме дека соработките кои се обидоа да и ги подметнат на Алијансата се само инсинуации во болните умови на нашите политички опоненти“,
рече Бериша на прес-конференција.
АА, додаде таа, е на Албанците и на народот и во алијанса со НАТО и Западот и никој друг.
„За да го потврдиме тоа, како резултат на последните случувања, антиалбанските повици, сценарија кои нашиот здрав разум не може ни да ги разбере, прекинуваме секаква соработка сè додека овие политички субјекти не ја рефлектираат и запираат логиката на политичко профитерство со анатемизирање на Албанците“,
изјави Бериша.
Ваквиот чекор по разрешувањето на в.д. директорот на „Комунална хигиена“ утрово го најави и потпретседателот на АА и градоначалник на Гостивар, Арбен Таравари.
*Поврзани вести:
- (ВИДЕО) Мицкоски обвини за полициска монтажа кај Скендер Бег: Целта беше убиство на некој недолжен граѓанин, мајка со дете, пензионер, млад човек или мое убиство
- МВР контра Мицкоски за инцидентот кај Скендер Бег: Полицијата беше на самото место, во истиот момент реагираше и го спречи насилството
- ДУИ: Лицето што го нападна Мицкоски водеше кампања за ВМРО-ДПМНЕ
- Разрешен в.д. директорот на „Комунална хигиена“
- Таравари: Ако е разрешен директорот на „Комуналец“, завршува нашата приказна со Арсовска
- Арсовска: Со личност која напаѓа и оправдува насилство, нема основ да се соработува
- Ковачевски со осуда на вчерашните настани: Никаков револт не може да оправда употреба на огнено оружје од страна на цивили