Лидерот на партијата Арбен Таравари потенцира дека за АА од поголема важност се програмските, а не кадровските барања, а доколку тие бидат исполнети, како што рече, тогаш ќе следува внатрепартиски референдум за да се слушне и ставот на членството, по што ќе се донесе конечна одлука дали партијата ќе стане дел од власта или ќе остане во опозиција
По двочасовниот состанок во партиското седиште во Тетово, претседателството на Алијанса за Албанците (АА) го формира тимот кој ќе преговара за евентуалниот влез на партијата во Владата. Покрај лидерот на партијата Арбен Таравари, дел од преговарачкиот тим се и неговите најблиски соработници – двата секретара и тројцата потпретседатели на партијата.
По средбата на Централното претседателство, првиот човек на АА, Арбен Таравари, изјави дека партијата веќе има потенцијални барања, но нагласи дека во текот на викендот треба дополнително да се прецизираат стратегијата и приоритетите со кои ќе настапат во преговорите за евентуалниот влез во Владата.

Таравари потенцира дека за партијата од поголема важност се програмските, а не кадровските барања, а доколку тие бидат исполнети, како што рече, тогаш ќе следува внатрепартиски референдум за да се слушне и ставот на членството, по што ќе се донесе конечна одлука.
„Ако ни ги исполнат барањата, особено програмските барања, не толку кадровските, тогаш ќе ги слушнеме и членовите на АА и ќе донесеме одлука дефинитивна. Јас се надевам не за долг период, за многу кратко ќе се одлучи дали ќе бидеме дел од власта или продолжуваме во опозиција. Ние сме навикнати да сме во опозоција и тоа не ни е проблем. Во меѓувреме ќе организираме и внатрепартиски референдум. За нас како раководство на партијата е многу важно тоа што ќе го кажат 11 500 членови на АА. Ние мораме да го слушаме гласот на членството како што го слушаме и гласот на обичниот граѓанин“,
изјави Арбен Таравари.
Во врска со нивното барање за обезбедување на мнозинство со Собранието за уставни измени, Таравари кажа дека сè уште никој не може со сигурност да тврди дека ќе има 2/3 мнозинство во Собранието за да има уставни измени, но оти треба да се даде шанса за да се обезбеди потребниот број пратеници.
„Гаранција во моментот за 80 пратеници нема никој. Меѓутоа, треба да се даде шанса за евентуално да се направат 80 пратеници. Без пратеници од ВМРО-ДПМНЕ аритметички не се стигнува до бројката до 80. Така што, ќе видиме дали можеме ние. Цел ни е да дадеме шанса да се направи мнозинство од 80 пратеници. Не зависи од нас. Да зависеше од нас ќе ја направивме бројката 80 и ќе одевме на избори“,
додаде Таравари.
Денешниот состанок е првиот на Централното претседателство по одржаното Центарлно Собрание на 21 јануари.
Покрај одлуката за формирање преговарачки тим, вечерва партијата донесе одлука да се отвори конкурс за три ограноци на АА – во Чашка, Тетово во Јегуновце.