Освен дека ќе ја соопшти „големата вест“, ниту во објавата на вицепремиерот Груби ниту, пак, во партиското соопштение на ДУИ не е прецизирано за што точно ќе говори првиот човек на партијата. Но, најверојатно, во фокус на утрешното обраќање на Ахмети ќе биде партиската одлука околу нејзиниот настап на претстојните претседателски избори
Али Ахмети ќе ја соопшти големата вест. Ова преку својот фејсбук-профил денеска го објави вицепремиерот и министер за политички систем Артан Груби најавувајќи го утрешното видеообраќање на лидерот на Демократската унија за интеграција (ДУИ) кое ќе може да се проследи на неговата страница на Фејсбук.

„Али Ахмети ја објавува големата вест. Во живо на Фејсбук, четврток 22 февруари 2024 година, во 11 часот“,
пишува во објавата на Груби на која е истакната фотографија од ликот на Ахмети и националното знаме на Албанците.

Во меѓувреме, преку писмено соопштение ДУИ потврди дека партискиот лидер утре во 11 часот ќе им се обрати на граѓаните преку директен видеопренос на својот профил на Фејсбук.
„Ве известуваме дека утре (четврток, 22.2.2024 г.) со почеток во 11 часот, Али Ахмети ќе им се обрати на граѓаните преку директен пренос на неговата страница на Фејсбук за да ја соопшти големата вест“,
велат од ДУИ.
Освен дека ќе ја соопшти „големата вест“, ниту во објавата на вицепремиерот Груби ниту, пак, во партиското соопштение на ДУИ не е прецизирано за што точно ќе говори првиот човек на партијата.
Но, најверојатно во фокус на утрешното обраќање на Ахмети ќе биде партиската одлука околу нејзиниот настап на претстојните претседателски избори. Се очекува да биде објавено името на кандидатот за претседател кој ДУИ би го номинирала доколку партиските тела донеле одлука за самостоен настап во првиот круг од претседателските избори што ќе се одржи на 24 април.
Објавата на името претседателскиот кандидат деновиве е извесна не само за ДУИ, туку и за другите вонпарламентарни или партии/коалиции кои имаат помалку од 30 пратеници во Собранието, со оглед на тоа што тие може да номинираат свој кандидат за претседател доколку соберат 10 илјади потписи. Собирањето на потписите за претседателските и кандидатите за пратеници почнува од петок, 23 февруари, и ќе трае до 8 март.
Името на Али Ахмети како потенцијален претседателски кандидат на ДУИ кружеше во медиумите изминатите денови, но со изјавите на вицепремиерот Артан Груби и техничкиот премиер Талат Џафери – дека лидерот на ДУИ за себе смета дека е мисионер, а не претендент за функција – таа можност е исклучена.
Повикувајќи се на високи партиски извори, порталот МКД.мк денеска објави дека градоначалникот на Општина Кичево, Фатмир Дехари, ќе биде кандидатот на ДУИ за шеф на државата.
Во игра е и шефот на дипломатијата Бујар Османи.