Портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи Есмаил Багаеи посочи дека доколку одредени трети страни не го попречат процесот, заедничкиот документ со главните аспекти и клучните точки на договорот наскоро ќе биде финализиран
Иран и Оман постигнаа договор за географските координати на предложената безбедна поморски коридор за комерцијални бродови низ Ормускиот Теснец, соопшти портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи Есмаил Багаеи, а пренесува Си-ен-ен.
Според него, заедничката изјава меѓу двете земји е во завршна фаза на усогласување.

Посочи дека доколку одредени трети страни не го попречат процесот, заедничкиот документ со главните аспекти и клучните точки на договорот наскоро ќе биде финализиран.
Двете земји, како што рече, во изминатите два месеци воделе разговори за техничките, правните, безбедносните и еколошките аспекти на предложениот коридор.
Сепак, оцени дека договор меѓу Иран и Оман сам по себе не може да гарантира целосно безбедно пловење на овој стратегиски пат додека постојат американска поморска блокада и други агресивни и заканувачки активности.
Според извори запознаени со разговорите, предложениот договор би му дал на Иран поголема улога во надзорот на бродовите што влегуваат во Персискиот Залив преку Ормускиот Теснец. Истите извори наведуваат дека, и покрај овој напредок, сè уште нема конечен договор за повторно отворање на Теснецот, спротивно на тврдењата на американскиот претседател Доналд Трамп.
Во меѓувреме катарскиот премиер Мохамед бин Абдулрахман бин Џасим ал Тани повика сите страни да останат посветени на дијалогот и дипломатијата и да го спроведат постигнатото во рамки на меморандумот за разбирање меѓу САД и Иран.
Договорот, како што рече, треба да обезбеди слобода на пловидба низ Ормускиот Теснец, зачувување на регионалната безбедност и зајакнување на стабилноста во регионот.
