Со новата одлука на албанската влада, од денеска полицискиот час во работните денови ќе биде пократок за четири и пол часа, односно наместо да почнува во 13 часот, ќе почнува во 17:30 часот. Времето на завршување е исто – 5 часот наутро.
За половина час се зголемува и дозволеното време за пазарење и сега членот на семејство кој има дозвола за излез ќе може да остане надвор и да ги купи потребните намирници за час и половина. И понатаму останува целосната забрана за излез од дома на пензионери, односно повозрасни лица.
Од денеска и дел од бизнисите на кои им беше дозволено да работат и по прогласувањето на вонредната состојба, наместо до 13, ќе работат до 17:30 часот.
Албанија на 25 март, кога беа дијагностицирани 123 заразени и петмина починати, прогласи вонредна состојба поради „природна катастрофа“ на целата територија на земјата во период од 30 дена.
Земјата забрани групни собирања и воведе полициски час од 13 до 5 часот, а претходно, 9 март, кога беше регистриран првиот случај со ковид-19, го забрани воздушниот и поморскиот сообраќај. Неколку дена потоа ги затвори и сите гранични премини.