„Ние не сакаме да примениме ваков инванзивен метод, но ако мора нема да биде тешко да се направи и тоа“, изјави денеска премиерот одговарајќи на новинарско прашање
Ако тој што треба да го решава проблемот со хигиената во градот Скопје не презема ништо, тогаш логично е дека треба Владата да го направи тоа, изјави денеска премиерот Христијан Мицкоски.
Тој ова го кажа одговарајќи на новинарско прашање дали сè уште стои зад идејата за одземање на ингеренциите на Јавното претпријатие „Паркови и зеленило“ и нивно предавање на општините за да се расчисти ситуацијата со нехигинета во главниот град на државата.
„Има ли нехигиена во Скопје? Што мислите вие? Епа, што треба да направиме ако има нехигиена? Треба да преземеме нешто. Ако тој што треба да преземе, не презема, логично е дека некој треба да преземе, а тоа е Владата. Граѓаните од нас очекуваат. Тие не велат оваа не чини, тој не чини. Тие велат вие сте влада и вие решавајте го проблемот. Ние немаме избор. Ние мораме, ако гледаме дека некој што е одговорен да го решава проблемот, не го решава, мораме ние да го решаваме. Ние не сакаме да примениме ваков инванзивен метод, но ако мора нема да биде тешко да се направи и тоа“,
изјави премиерот по посетата на Општина Илинден, каде што изврши увид во доградба на детска градинка.
Минатата недела градоначалникот на Општина Кисела Вода и претседателот на Заедницата на единиците на локалната самоуправа (ЗЕЛС), Орце Ѓорѓиевски, исто така одговарајќи на новинарско прашање рече оти не отстапуваат од идејата за одземање на ингеренциите на градоначалникот на Град Скопје со цел решавање на актуелните проблеми во Скопје, од кои најгорливи во моментов се јавната хигиена и јавниот превоз.
„Министерот (за локална самоуправа н.з.) можеби даде тврдење дека законски е неприменливо да се премине директно кон одземање на ингеренциите, но секако не отстапуваме од идејата и доколку треба законски да се интервенира. Ние како скопски градоначалници ќе бидеме иницијатори тоа да се спроведе во пракса. Ова е недопустливо да се дозволи и понатаму да се случува. Ние сме подготвени како група да иницираме и измени во законот доколку е потребно за да се овозможат подобри услови за функционирање на сите скопјани“,
рече Ѓорѓиевски во петокот (30 август 2024 г.).
Претседателот на ЗЕЛС дополнително изјави дека во моментов единствениот спас за Скопје го гледа во неотповиклива оставка на скопската градоначалничка Данела Арсовска.
На новинарски прашања на истиот настан одговараше и министерот за локална самоуправа Златко Перински.
Прашан дали би поддржал законски измени за одземање на ингеренциите на градоначалникот на Град Скопје, тој вели дека би поддржал какви било измени на кој било закон за да се реши ова, како што рече, лудило.
„Ние бараме инстант-решенија бидејќи надвор има 40 степени, а Скопје тоне во смет. И да земеме ова да го решаваме на начин по укажување од градоначалниците, верувајте дека ќе треба време. Законот за локална самоуправа е системски закон, се носи со двотретинско мнозинство и треба да бидеме свесни дека ако влеземе во оваа авантура нема да може да го решиме прашањето. Затоа, апелиравме како Влада, зашто дел од системот на функционирање на Градот Скопје се менаџментот и Советот – таму можат наједноставно и најбрзо да се решат сите проблеми кои ние како скопјани ги живееме“,
изјави Перински.