„Ние сме подготвени како група да иницираме и измени во законот доколку е потребно за да се овозможат подобри услови за функционирање на сите скопјани“, порача претседателот на ЗЕЛС, Орце Ѓорѓиевски, и оцени оти единствениот спас за Скопје во моментов е неотповиклива оставка на градоначалничката Данела Арсовска
Не отстапуваме од идејата, доколку треба законски да се имплементира, ние како скопски градоначалници да бидеме иницијатори тоа да се спроведе и во пракса, изјави денеска претседателот на Заедница на единиците на локална самоуправа (ЗЕЛС), Орце Ѓорѓиевски, прашан за евентуални законски измени за одземање на ингеренциите на градоначалникот на Град Скопје со цел решавање на состојбата во главниот град.
„Министерот (за локална самоуправа н.з.) можеби даде тврдење дека законски е неприменливо да се премине директно кон одземање на ингеренциите, но секако не отстапуваме од идејата и доколку треба законски да се интервенира. Ние како скопски градоначалници ќе бидеме иницијатори тоа да се спроведе во пракса. Ова е недопустливо да се дозволи и понатаму да се случува. Ние сме подготвени како група да иницираме и измени во законот доколку е потребно за да се овозможат подобри услови за функционирање на сите скопјани“,
изјави денеска претседателот на ЗЕЛС, Орце Ѓорѓиевски, одговарајќи на новинарски прашања.
Единствениот спас за Скопје во моментов претседателот на ЗЕЛС го гледа во неотповиклива оставка на скопската градоначалничка Данела Арсовска.
„За жал, скопјани се заложници на еден човек кој има проблем со себе, тоа мора да го признаеме, на кој секој му е крив, освен прстот да го впери во себе и да го најде проблемот во себе. Знаеме дека станува збор за личност која е конфликтоман по природа и не сака да придонесе за развојот на градот. Проблемите не се само за јавниот транспорт, проблеми имаме и во ‘Водовод’, проблеми имаме и во ‘Комунална хигиена’, во ‘Паркови и зеленило’, практично проблеми имаме во секое јавно претпријатие. Ние можеме до недоглед да бараме вина во кого било, но вината на крајот од денот е во менаџерот, во тој што добил историска шанса од граѓаните да направи нешто за својот град и за граѓаните“,
додаде претседателот на ЗЕЛС.
На новинарски прашања на истиот настан одговараше и министерот за локална самоуправа Златко Перински.
Прашан дали би поддржал законски измени за одземање на ингеренциите на градоначалникот на Град Скопје, тој вели дека би поддржал какви било измени на кој било закон за да се реши ова, како што рече, лудило.
„Ние бараме инстант-решенија бидејќи надвор има 40 степени, а Скопје тоне во смет. И да земеме ова да го решаваме на начин по укажување од градоначалниците, верувајте дека ќе треба време. Законот за локална самоуправа е системски закон, се носи со двотретинско мнозинство и треба да бидеме свесни дека ако влеземе во оваа авантура нема да може да го решиме прашањето. Затоа, апелиравме како Влада, зашто дел од системот на функционирање на Градот Скопје се менаџментот и Советот – таму можат наједноставно и најбрзо да се решат сите проблеми кои ние како скопјани ги живееме“,
изјави Перински.