Не верува дека ќе има зголемување поголемо од пет отсто на топлинската енергија, кое, како што вели првиот човек на Регулаторната комисија за енергетика, нема да претставува проблем за граѓаните во градот Скопје
Од 1 ноември, парното нема да поскапи повеќе од пет отсто, што значи дека зголемувањето на цената на парното греење би се движело до максимум од 50 до 60 денари на месечно ниво. Ова вечерва во Дневникот на ТВ Сител го потврди Марко Бислимовски, претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, зборувајќи за зголемувањето на цената на парното греење.

„Анализите се при крај, готови се во најголем дел, во текот на утрешниот ден ќе имаме подготвителна седница, а конечната одлука ќе ја донесеме во вторник. Нема да има никакви ценовни шокови, ќе биде во рамките на нормалата. Ова е тешка одлука, зашто со оваа одлука треба да вратиме шест милиона евра, кои Владата ги даде како позајмица за купување на гас во 2022 година. Тој трошок е голем и прави притисок врз цената. Во консултација со Владата, тој долг ќе се врати на неколку рати, во период од неколку години. Мора да има квалитетна испорака на топлинска енергија“,
посочи Бислимовски.
Според Бислимовски, во текот на енергетската криза успеале да одржат ценовна стабилност на топлинската енергија.
„Кога зборуваме за немање ценовни шокови знаете дека имаме висока инфлација, зголемени се материјалите за работа на сите компании, дополнително има и усогласувања во однос на минималната плата, така што јас не верувам дека ќе имаме зголемување поголемо од пет отсто коешто нема да претставува проблем за граѓаните во градот Скопје. Сега во овој момент тоа е најевтин начин на греење, така што за еден просечен стан ако би имало зголемување тоа би се движело до максимум на месечно ниво за 50 до 60 денари, што сметам дека не претставува проблем“,
изјави претседателот на Регулаторна комисија за енергетика.
Тој потенцираше дека оваа цена ќе важи до крајот на грејната сезона, доколку нема драматично зголемување или намалување на цената на природниот гас.