Од Агенцијата велат дека се спроведува депопулација, односно убивање на животните во заболените одгледувалишта. Досега, како што велат од АХВ, успешно е извршена депопулација на над 1 400 животни

Десет нови жаришта на болеста сипаници кај овци и кози потврдиле од Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) од почетокот на овој месец.
Со ова, вкупниот број жаришта од првото појавување на болеста во јануари годинава во кумановското село Лопате се искачи на 17, зафаќајќи повеќе од 2 700 животни. Болеста досега е потврдена во 15 одгледувалишта на овци и две мешани одгледувалишта на овци и кози.

Новите случаи на болеста се потврдени во Саса во Општина Македонска Каменица, Соколарци во Општина Чешиново-Облешево, Бигла во Општина Делчево, Малино и Косевица во Општина Свети Николе и во кумановското село Сопот.
Од Агенцијата велат дека се спроведува депопулација, односно убивање на животните во заболените одгледувалишта. Досега, како што велат од АХВ, успешно е извршена депопулација на над 1 400 животни.

Оттаму додаваат дека во текот на денешниот ден успешно е спроведена депопулација во жариштето во селото Сопот, Куманово, со примена на хуман механички метод за евтаназија.
Штом ќе се добие согласност за соодветни локации за закопување на животните, АХВ веднаш ќе продолжи со депопулација на новите жаришта во Македонска Каменица, Делчево и Свети Николе.
Со цел справување со кризата, од Агенцијата за храна и ветеринарство денеска одржале итна работна средба со претставниците на здруженијата на одгледувачи на овци и Сојузот на одгледувачи на овци на Македонија.
На средбата детално била презентирана моменталната епидемиолошка состојба, како и клучните мерки што ги презема државата.
АХВ апелира до сточарите строго да ги применуваат биосигурносните мерки во своите стада и одгледувалиштата во нивната непосредна близина. На состанокот се поделиле и едукативни печатени материјали со цел подигнување на свеста за болеста и начинот на брзо информирање во однос на тоа од страна на сточарите до Агенцијата, ветеринарните друштва односно официјалните ветеринари со цел навремено реагирање во справувањето со болеста.
На состанокот се разговарало за контролните и за заштитните мерки што се преземаат од страна на Агенцијата за справување со болеста. Од АХВ велат дека во одгледувачниците во кои е потврдeнa болеста сипаници кај овци и кози се спроведува попис на сите животни, убивање на сите овци и кози под официјален надзор, нештетно отстранување на мршите, простирката, цврстото и течното ѓубре за кои постои сомнение дека се контаминирани, како и храната за животни, млекото и производите од млеко, како и волната од животните.
Додаваат дека се врши и чистење и дезинфекција на просториите и просторот каде што биле сместени овците, возилата користени за нивен превоз. Исто така, се спроведува епидемиолошко испитување за утврдување на можниот извор и ширење на болеста, како и откривање контактни одгледувалишта и примена на биосигурносните мерки при спроведување попис.
Дополнително, постои забрана за движење и превоз на сите овци и кози во и од заштитната зона, освен за движење на приемчивите животни со цел колење во одобрен објект и оператор со храна – кланица за домашни чапункари во зоните. Од закланите овци и кози доколку е поставен сомнеж, треба да се земат примероци за лабораториско испитување за утврдување присуство на болеста сипаници кај овците и козите.
„Сировото млеко добиено од животните (овци и кози) и производите добиени од тоа млеко може да се стават во промет по термички третман/пастеризација на 72 Целзиусови сепени во времетрање од 15 минути на одгледувалиштето или во одобрен објект и оператор со храна од животинско потекло – сурово млеко и производи од млеко во зоната“,
додаваат од АХВ.
Од Агенцијата велат дека е донесена забрана за работа на добиточни пазари на целата територија на Република Северна Македонија за овци и кози, одржување изложби или друг вид спортски настани.
На сите одгледувачи на овци и кози на целата територија на земјата од АХВ им наложуваат при секој влез и излез од одгледувалиштето задолжително да се применуваат биосигурносни мерки кои вклучуваат користење на чиста заштитна облека и обувки наменети исклучиво за употреба во одгледувалиштето, миење и дезинфекција на рацете пред и по контакт со животните, поставување и користење дезинфекциски бариери или средства за дезинфекција на влезовите и излезите и чистење и дезинфекција или нештетно отстранување на употребената опрема, обувки и облека.
На сите одгледувачи на овци и кози на целата територија на земјата им се наложува да не внесуваат нови животни во стадото без претходно извршен клинички преглед и сертификат за здравствена состојба на животните.
Донесена е и забрана за повторно населување на животни на одгледувалиштата каде што е потврдена болеста за период од шест месеци од датумот на укинување на мерките од решението за заштитни и контролни мерки. Овие мерки се применуваат во рок од 60 дена од денот на донесувањето на решението.
