Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, денеска изјави дека не стравува од коалицирањето кај опозициските партии на Албанците.
„Истото прашање секоја година ми го поставувате. Немам никаква параноја што се однесува до нивната коалиција“,
рече Ахмети.
Ахмети беше прашан и за т.н. принцип „победник со победник“ кој имлицира во владата да коалицираат победниците во, условно кажано, македонскиот и албанскиот политички блок. Лидерот на интегративците, кои со години го бранеа овој принцип за во 2017 година самите да го прекршат, одговори дека тогаш ситуацијата била специфична.
„Неколку пати сум го објаснил тоа. Не сакам да се повтори 2016 година, специфична ситуација, вонредна ситуација во тој момент на државата. Не би сакал никогаш да се повтори таа ситуација. ДУИ на овие избори ќе оди самостојно со своја политичка програма“,
рече Ахмети.
Али Ахамети, кој денеска беше во посета на индустриската зона во Визбегово, не откри многу и за кандидатските листи за престојните избори- дали ќе се потпре на старите кадри или ќе промовира нови. Најави анализи и истражувања, пред да се состави листата.
Освен за актуелните политички прашања, Ахмети ја искористи посетата на Визбегово за да презентира и дел од програмата која ДУИ ќе ја понуди на претстојните избори. Најави дека ДУИ ќе се ангажира за владеење на правото, за ветинг на институциите, почнувајќи од обвинителството, судството и општините.