Израел досега официјално ги нема потврдено ваквите преговори. Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху вчера повтори дека нема да има привремен прекин на огнот во Газа додека не бидат ослободени заложниците кои Хамас ги киднапира за време на нападот на Израел на 7 октомври
Во тек се преговори за постигнување на тридневен хуманитарен прекин на огнот во Газа во замена за ослободување на десетина заложници кои ги држи Хамас, пренесува агенцијата „Асошиејтед прес“ (АП) повикувајќи се на двајца функционери од Египет, еден од Обединетите нации (ОН) и западен дипломат, кои ги соопштиле ваквите информации под услов да останат анонимни.

Договорот, како што се наведува, треба да овозможи поголема помош, вклучително и ограничени количини гориво, да влезе во опколената енклава за да ја олесни влошената ситуација на 2,3 милиони Палестинци.
Според официјалните претставници и дипломатот, преговорите се водат со посредство на Катар, Египет и Соединетите Американски Држави (САД).
Еден од египетските функционери за новинската агенција изјавил дека деталите од одговорот оваа недела биле разговарани во Каиро со шефот на Централната разузнавачка агенција – ЦИА (Вилијам Брнс) и израелска делегација.
Според истиот извор, посредниците го финализираат нацрт-договорот.
Висок американски функционер изјавил дека администрацијата на претседателот на САД, Џо Бајден, не предложила одредена временска рамка за пауза во израелските воени операции, но бил даден предлог до Израел должината на паузата да биде поврзана со ослободување на одреден број заложници што ги држи Хамас.
Доколку се постигне договор за времетраењето на паузата и тој успешно се спроведе, истата формула, навел изворот, би можела повторно да се примени за воспоставување дополнителни паузи и ослободување заложници, пренесува „Гардијан“.
Сепак, Израел досега официјално ги нема потврдено ваквите преговори.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху вчера повтори дека нема да има привремен прекин на огнот во Газа додека не бидат ослободени заложниците кои Хамас ги киднапира за време на нападот на Израел на 7 октомври.
„Сакам да ги прекинам сите лажни гласини што ги слушаме од разни страни и јасно да повторам една работа: нема да има прекин на огнот без ослободување на нашите заложници“,
изјави вчера Нетанјаху.
Инаку, според договорот за кој се преговара, хуманитарната помош ќе биде доставена во Појасот Газа, вклучително и во северниот дел кој е во фокусот на израелските воени операции за уништување на Хамас.
Предложено е Хамас да ослободи десетина заложници цивили, од кои повеќето се носители на странски пасоши и на посредниците да им се даде комплетен список на киднапираните.
Исто така, на Меѓународниот комитет на Црвениот крст треба да му биде дозволено да ги посети заложниците.
Војната меѓу Израел и Хамас почна на 7 октомври по ненадејниот напад на милитантната група на израелска територија, во кој беа убиени 1 400 луѓе, а најмалку 240 беа земени како заложници. Истиот ден израелските одбранбени сили почнаа со одмазднички воздушни напади на Газа, а неодамна дејствијата ги прошири и со копнени воени операции. Според Министерството за здравство во Газа, бројот на убиени Палестинци заклучно со вчерашниот ден надмина 10 500 луѓе, меѓу кои повеќе од 4 300 се деца.