Во нападот на Хамас врз Израел на 7 октомври, според израелските власти беа убиени 1 400 луѓе, а најмалку 200 земени како заложници од палестинската милитантна група
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху ја отфрли можноста за прекин на огнот во Газа, по извештаите за наводни преговори кои се во тек за привремено примирје со Хамас.
Имено, денеска светските медиуми повикувајќи се на извори блиски до завојуваните страни, објавија дека се водат преговори за ослободување на помеѓу 10 и 15 заложници држени од Хамас во замена за хуманитарна пауза во борбите.
Извор близок до Хамас за АФП рекол дека во тек се разговори за ослободување на десетина заложници, меѓу кои и шест Американци, во замена за тридневен прекин на огнот во Газа.
Изворот навел дека паузата во борбите би била направена „за да му се даде подолг временски период на Египет да достави хуманитарна помош“, како и да му се овозможи на Хамас да ги ослободи дузината заложници.
Според Би-би-си, кој се повика на свој извор, спор во преговорите имало околу времетраењето на паузата и ситуацијата на северот на Газа.
По ваквите наводи, „Тајмс оф Израел“ објави изјава на Нетанјаху, во која израелскиот премиер вели:
„Сакам да ги прекинам сите лажни гласини што ги слушаме од разни страни и јасно да повторам една работа: нема да има прекин на огнот без ослободување на нашите заложници“.
Портпаролот на израелските одбранбени сили (ИДФ), Даниел Хагари говорејќи на брифинг за последните напредувања на војската, рече дека во моментот дискусија за прекин на огнот не е на маса, а Израел дозволува повремени хуманитарни паузи за да можат цивилите од северот на Газа да се преселат на југ.
Инаку, британскиот национален сервис, појаснува дека прекин на огнот не е исто што и хуманитарна пауза.
Хуманитарните паузи траат кратки временски периоди и вообичаено се спроведуваат чисто за хуманитарни цели, додека прекините на огнот се наменети да бидат подолгорочни.
Според терминологијата на Обединетите нации, со која се дефинираат различните сценарија на пауза во борбените дејствија, прекин на огнот значи:
„Суспендирање на борбите договорено од страните во конфликтот, обично како дел од политички процес. Тој е наменет да биде долгорочен и често ја опфаќа целата географска област на конфликтот. Неговата цел е обично да им дозволи на страните да се вклучат во дијалог, вклучувајќи ја и можноста за постигнување трајно политичко решение“
Инаку, медиумски извештаи објавени вчера, кои се повикуваа на американски и израелски официјални лица, наведоа дека претседателот на САД Џо Бајден го повикал израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху да се согласи на тридневна пауза во борбите за да се овозможи напредок во ослободувањето на некои од заложниците кои ги држи Хамас.
Според израелските власти најмалку 240 луѓе се киднапирани за време на нападот на Хамас врз Израел на 7 октомври, а во кој беа убиени 1 400 лица.