Во врска со изјавата на ексвицепремиерот Кочо Анѓушев, кој пред два дена се најде на американската „црна листа“ поради вмешаност во значителна корупција, оти ќе ја обжали таквата одлука, Агелер вели дека постојат различни етапи и начини на кои луѓето кои се наоѓаат на „црната листа“ можат да пријават незадоволство
Сите ве уверувам дека на „црната листа“ на САД ќе има нови имиња, изјави американската амбасадорка Анџела Агелер, додавајќи дека земјава се соочува со епидемија на корупција која треба да биде спречена. Не откри кога и со кого ќе биде надополнета „црната листа“, велејќи дека не може да предвиди што ќе одлучи Вашингтон.

Во врска со изјавата на ексвицепремиерот Кочо Анѓушев, кој пред два дена се најде на американската „црна листа“ поради вмешаност во значителна корупција, оти ќе ја обжали таквата одлука, Агелер вели дека постојат различни етапи и начини на кои луѓето кои се наоѓаат на „црната листа“ можат да пријават незадоволство.
„Има различни етапи и различни начини на кои луѓето кои се наоѓаат на ‘црната листа’ можат да пријават незадоволство, но во секој случај ние имавме најавено санкција. Оваа санкција е воведена и ова не е нешто што лесно го прифаќаме и лесно го спроведуваме, но сепак ги следиме позитивните законски прописи на САД при воведувањето на ваквите санкции“,
изјави Агелер.
Американскиот Стејт департмент во вторникот објави дека го означува Кочо Анѓушев како генерално неподобен за влез во САД, поради неговата вмешаност во значителна корупција.
По ваквата одлука, Анѓушев во писмена реакција до медиумите посочи дека силно ги негира сите сомневања изразени во документот објавен од Стејт департментот и најави дека ќе ја обжали одлуката.