Според американската амбасадорка во земјава, во овој изборен период најважно е граѓаните да поставуваат прашања за кандидатите и кога ќе гласаат да ги земат предвид нивните приоритети
Немам сознанија за некое експлицитно и специфично руско влијание во претстојниот предизборен процес. Уверена сум дека тоа е тука, бидејќи генерално го има во регионот.

Ова денеска го изјави американската амбасадорка во земјава, Анџела Агелер, одговарајќи на новинарско прашање дали има информации за евентуално руско влијание на претстојните избори, на настанот на кој заедно со министерот за образование и наука Јетон Шаќири, го потпишаа меморандумот за спроведување на Фулбрајт програмата за академска размена.
Според неа, најважно за граѓаните за претстојните избори е добро да се едуцираат за процесот и за кандидатите кои ќе учествуваат во него.
„Мислам дека она што е најважно како што се движиме кон овој изборен период е граѓаните на оваа земја да поставуваат прашања за кандидатите и да ги земат предвид нивните приоритети, кога ќе гласаат. Тоа за мене е најважно и секако да се едуцираат себеси за процесот и за кандидатите, без разлика кој би можел да се меша, тоа е најважната алатка која ја имаат“,
истакна Агелер.
Пред два дена првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците Артан Груби на отворањето на дводневната годишна конференција „Година на европски можности“ во Скопје рече дека изминатиот мандат Владата се соочувала со многу предизвици кои, според него, имаа само едно заедничко име, само еден единствен фактор на поттикнување, само еден центар на координација и инспирација, а тоа е Русија.
„Дали има руско влијание во нашите верски заедници, одговорот пронајдете го самите? Дали има руско влијание во медиумите, одговорот, пак, го знаете, дали има руско влијание во невладините организации? Има руски елементи кои прават сè што е можно да нарушат прогресивно парламентарно мнозинство и коалиција, која сака да ја види оваа држава членка на НАТО и на ЕУ и е во вековно пријателство со САД“,
изјави Груби.
Наводите во однос на Русија кои денеска ги кажа првиот вицепремиер Груби, според премиерот Димитар Ковачевски се факти кои сите ги знаат.