Како што посочи Томовски, директорот на АЕК, Јетон Акику, зема плата од 132 000 денари, поточно над 2 000 евра месечно или за една година околу 30 000 евра
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ денеска продолжи со изнесување на нови податоци од аферата наречена „Паразити“ која се однесува на функционери именувани од владата и нивните месечни примања.
„Кире Наумов од СДС, директор на Македонска банка за обнова и развој, е уште еден во низата функционери дел од аферата ‘Паразити’. Наумов, кој беше дополнителен заменик-министер за финансии на СДС, денес месечно зема над 2 500 евра плата, за една година тој наплаќа над 30 000 евра, а за еден мандат дури 120 000 евра. Значи, додека Владата им зема оброк на студентите, Наумов заработува на грбот на државата 2 500 евра секој месец“,
рече на прес-конференција Ивица Томовски од ВМРО-ДПМНЕ.
Како што посочи тој, директорот на АЕК, Јетон Акику, зема плата од 132 000 денари, поточно над 2 000 евра месечно или за една година околу 30 000 евра.
„Уште еден во низата функционери со високи плати е и Славко Пројковски, финансиски директор во ‘Телеком’, каде што сопственост има и државата, е со плата од над 6 000 евра месечно. Тој, за една година зема 72 000 евра, а за еден мандат од 4 години дури 288 000 евра. Тоа е исто, како директорот на ‘Телеком’ Љушев, кој за само еден месец зема 11 500 евра, тоа за една година се над 138 000 евра, додека за еден четири годишен мандат над 552 000 евра“,
додаде Томовски.