Според Николоски, резултатите се должат на новата политика за привлекување и субвенционирање директни авиолинии. Во изминатите година и пол се воведени 28 нови авиодестинации, а со зимскиот ред на летање се очекуваат и нови. Министерот очекува дека до крајот на годината може да се стигне и до четири милиони патници

Министерот за транспорт Александар Николоски денеска изјави дека аеродромите во Скопје и Охрид бележат историски раст на авиосообраќајот, со повеќе од два милиони патници во првите шест месеци од годинава што е зголемување од 32 проценти во однос на истиот период лани.
Според Николоски, резултатите се должат на новата политика за привлекување и субвенционирање директни авиолинии. Во изминатите година и пол се воведени 28 нови авиодестинации, а со зимскиот ред на летање се очекуваат и нови. Министерот очекува дека до крајот на годината може да се стигне и до четири милиони патници.
„Ако тоа не се случи во 2026, тогаш сигурно во 2027 година ќе стигнеме до четири милиони патници, што е огромна бројка, имајќи предвид дека вкупното население во државата е 1,8 милиони“,
рече Николоски.
Според министерот, двата македонски аеродроми се најбрзо растечки во своите категории и постигнале апсолутни рекорди во јули.
„Во еден ден во јули на скопскиот аеродром имаше 101 воздушна операција – слетувања и полетувања, а на охридскиот имаше 21. Тоа е апсолутен рекорд што претходно не е забележан и во следниот период продолжуваме со овој раст“,
рече тој.
Николоски потсети дека компанијата „Визер“ ја има својата трета најголема база во Европа токму во Скопје со седум воздухоплови и најави дека се очекува еден воздухоплов да биде стациониран и во Охрид.

Министерот денеска беше во работна посета на М-НАВ каде изјави дека со воведувањето на новиот АТМ-систем и новиот радарски систем, контролата на воздушниот сообраќај над Македонија се подигнува на повисоко ниво. Посочи дека новиот систем има особено значење за зголемување на безбедноста, сигурноста и ефикасноста во управувањето со воздушниот сообраќај.
