Адвокатската комора упати барање до Владата и до останатите надлежни институции да се одложат сите судски рочишта како превенција од ширењето на коронавирусот. Тие нагласуваат дека во текот на еден ден се достигнува и бројка од 1000 судења, а големата циркулација на луѓе може да биде закана за ширење на новиот вирус.
„Конкретно, според податоците објавени само на веб-страната на Основниот граѓански суд Скопје, за ден 16.03.2020 година за период од 08.30 до 10.30 часот се закажани 100 рочишта. Тоа значи дека само за наведениот период од 2 часа во Основниот Граѓански суд Скопје циркулираат најмалку 500 лица (адвокати, судии, записничари, странки, сведоци и други). Имајќи го предвид наведеното, очигледно е дека во текот на денот на територијата на државата се одржуваат илјадници судења, на коишто присуствуваат повеќе илјади лица кои се во меѓусебен контакт“,
соопштуваат од Адвокатската комора.
Според нив, ситуацијата е безмалку иста и во кривичните судови, од причина што и таму има предмети со повеќе обвинети, повеќе бранители и повеќе сведоци.
„Посебен проблем претставуваат контактите со притворените лица, особено при доведување на притворените лица и нивен контакт со другите учесници во кривичните постапки. Ваквата ситуација доведува до голема опасност коронавирусот да се рашири и во казнено-поправните установи, што сметаме дека би претставувало голема опасност, дотолку повеќе што лицата кои издржуваат казна затвор во КПУ немаат соодветен лекарски третман за ваков вид на болести“,
соопштуваат од Адвокатска комора.
Оттаму апелираат да се одложат сите судски рочишта, освен итните постапки како предметите со времени мерки и притворските предмети.