Откако министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во понеделникот информира дека Палевски заминал од државава со својот адвокат кој го придружувал до Белград, Стојков во изјава за медиумите кажа дека го однел Палевски во Белград на лекарски прегледи затоа што немал возило и не знаел дека е вмешан во двете убиства
Адвокатот на Љупчо Палевски-Палчо, Васко Стојков, со кого првоосомничениот за убиствата на Вања и Панче од земјава замина за Белград на 30 ноември, во моментов е на распит во полициска станица.
Откако министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во понеделникот информира дека Палевски заминал од државава со својот адвокат кој го придружувал до Белград, Стојков во изјава за медиумите кажа дека го однел Палевски во Белград на лекарски прегледи затоа што немал возило и не знаел дека е вмешан во двете убиства.
Рече дека имал добра намера да му помогне на Палевски, но дека по сѐ се чувствува злоупотребено.
„Ме замоли да го однесам во Белград бидејќи немал возило, а не можел да обезбеди нотар да му се преведе возилото. Јас не знаев ништо за оваа работа. Знам дека требаше да оди во Белград, кажуваше дека закажал прегледи. Ако е така, му реков, ќе те однесам. Не знаев за овие работи. Јас се вратив во Скопје, тој остана затоа што требаше да има прегледи и другиот ден. Рече дека ако е сè во ред, ќе се врати назад. Ако не е во ред, рече ќе одел во Истанбул. Кога се вратив, полицијата правеше претреси, ме прашаа и тогаш им кажав“,
изјави адвокатот Стојков во телефонски разговор за Телма на прашањето зошто бил со Палевски кога тој ја напуштил државата.