Тројцата адвокати, кои судот ги назначи за четворица обвинети во случајот ТНТ, успеаја да го одложат денешното судско рочиште.
Сите побараа да се одложи рочиштето затоа што не се запознаени со предметот и, како што рекоа, не сакаат да им направат штета ниту на обвинетите ниту на судот.
Судијата им го прифати барањето, а следното рочиште е закажано за утре во 9.30 часот. Ако утре се појават адвокатите кои ги ангажирале обвинетите, кои денеска не се појавија, тие што денеска се назначени по службена должност ќе бидат отповикани.
Судијата Огнен Ставрев, кој е на чело на судечкиот совет, им изрече три казни од по 2.000 евра на тројцата адвокати бидејќи советот смета дека тоа е непочитување на судот и сакаат само да го одолговлекуваат процесот. И покрај тоа што четворица се без адвокати, судското рочиште ќе продолжи денеска. Судот даде пауза од половина час и најави дека ќе им ангажира адвокат по службена должност.
Утре се очекува прв за распит да биде ексминистерот Миле Јанакиески, а по него и останатите петмина обвинети. На Груевски, кој е исто меѓу обвинетите, му се суди во отсуство.
Според обвинението на СЈО, обвинетите во 2011 година сториле кривично дело од политичка омраза со уривање на комплексот „Космос“ на Фијат Цаноски. Случајот се наоѓа во доказна постапка, а застапник на обвинението е Бурим Рустеми од СЈО.
Инаку, на 24 декември им истекува мандатот на две судијки поротнички во овој предмет поради навршување 60 години.
Според законот, ако во текот на судскиот процес дојде до промена во составот на судечкиот совет, судскиот процес почнува од почеток.
Повеќе за денешното рочиште за ТНТ прочитајте ТУКА.