Министерството за образование и наука во моментов ги собира податоците колку моделот комбинирана настава со онлајн може да функционира.
Министерот за образование Арбер Адеми денеска во изјава за повеќе медиуми рече дека ваквите модели треба дополнително да се разгледаат и да се види што е најдобро за да се искристализираат некои прашања и дилеми.
„На пример, од прво до трето имаме голем број ученици во одредени паралелки, треба да се поделат на групи и да се почитуваат протоколите кои веќе се подготвени од страна на МОН. Потоа треба да се види што значи мал број ученици и во други општини. Тука мислиме на другите ученици од четврто до деветто одделение или за средните училишта каде што има мал број ученици“,
изјави Адеми за Телма.
Комисијата за заразни болести неделава на средбата со претставниците на Министерството за образование предложи учениците од прво до трето одделение да ја започнат новата учебна година со физичко присуство, а останатите ученици во основното и средно образование да ја следат наставата онлајн. Министерот з здравство Венко Филипче во повеќе наврати досега изјави дека најдобро е наставата да биде со физичко присутво, но во овие услови тој е за онлајн настава, пред се поради безбедноста на учениците и вработените.
Претседателот на СОНК, Јаким Неделков, осврнувајќи се на предложените три модели за настава од септември за РСЕ денеска изјави дека условите во училиштата на национално ниво не се исти, па затоа не смее да се унифицира еден модел којшто ќе важи за сите.
Негово мислење е дека е неизбежен модел на онлајн настава или можеби комбинирана настава, каде дел од училишта ќе работат онлајн, дел со физичко присуство на ученици и вработени, односно наставници.
Заменик-министерката за образование, Елизабета Наумовска, вчера во изјава за Сител рече дека почетокот на учебната година најверојтно ќе се пролонгира бидејќи да може да има настава со далечинско учење на кое часовите ќе бидат скратени на 30 минути за основно образование и 35 минути за средно образование, потребно е да се донесат законски измени, но во моментов нема функционално Собрание кое може да ги изгласа тие измени, став кој го дели и министерот Адеми.
Поврзана вест Филипче: Планираме дополнителни рестрикции во региони каде има зголемен број новозаразени