За да може да почне учебната година со далечинско учење на кое часовите ќе бидат скратени на 30 минути за основно образование и 35 минути за средно образование, потребно е да се донесат законски измени, но во моментов нема функционално Собрание кое може да ги изгласа тие измени, вели заменик-министерката за образование, Елизабета Наумовска, во изјава за Сител.
„Доколку ние на 1 септември би ја отпочнале учебната година Законот вели дека треба да се одвива наставата во училиште со времетраење на часови од 40 и 45 минути. Бидејќи знаеме дека во моментот како се одвиваат политичките договори, преговори, имаме Собрание кое сè уште е нефункционално да носи закони или законски измени. Ние како Министерство веќе подготвуваме измени на законот кои ќе ги доставиме до Владата, меѓутоа сметаме дека до 1 септември тие не можат да бидат по соодветни законски процедури излгасани во парламентот и затоа очекуваме дека рокот за отпочнување на учебната година ќе биде пролонгиран. Тоа не е ништо страшно. Гледаме дека и во Хрватска од 7 септември почнува учебната година“,
рече Наумовска.
Додаде дека очекува веднаш по формирањето на влада, Собранието, како приоритет да ги земе овие законски измени, дополнувања, со цел некаде до средината на септември да имаат можност да почнат новата учебна година.
„Вчера Комисијата за заразни болести предложи учениците од прво до трето одделение да следат настава со физичко присуство. Доколку епидемиолошките услови го дозволуваат тоа, тргнувајќи од потребата за социјален и психолошки развој на учениците, описменување на најмалите, знаеме колку е важно значењето и присуството на ученици во училиште, особено при стекнување на сите работни навики за учење и социјализација на најмалите“,
рече Наумовска.
Според неа, во тој случај тие ученици би имале на располагање целата училишна зграда, сите простории во училиштата со намален број на сите ученици од повисоките одделенија или класови.
Учениците од прво до трето одделение, ако се во поголеми паралелки, побројни паралелки, образложи таа, ќе бидат поделени на помали групи. Ќе работат со скратени часови, со мали одмори во кои наставникот ќе биде заедно со своите ученици во училницата, дури и на големиот одмор.
„Ние укажувме да биде наставникот со децата од паралелката, да бидат со маски, ќе имаат дезинфекциони средства, ќе има пауза меѓу другата група која треба да дојде на училиште при која ќе се врши комплетно дезинфекција на училишните простории, училници, ходници, заради заштита уште поголема меѓу двете групи и ќе продолжи наставата на наставникот со другата група“,
рече Наумовска.
Таа посочи дека училиштата ќе имаат флексибилност да си го креираат распоредот, се со цел да нема преголем број на присутни ученици во исто време во училиштето.