За пристапот на сите ученици до интернет, министерот за образование вели ќе им бидат доделени ваучери за бесплатен интернет на децата од семејства без приходи
Онлајн образованието е системско решение и има механизми за контрола на училиштата, вели министерот за образование, Арбер Адеми во неделното интервју на РСЕ. Тој вели дека ќе има интернет за сите ученици, а со помош на донатори ќе се помага на оние ученици кои немаат ИТ – уреди.
„Ние донесовме конкретни уредби со законска сила, поврзани и со основното образование и со високото образование, каде што е санкционирано и предвидено далечинското учење или учење од дома преку средствата за електронска комуникација. Трите уредби кои имаат законска сила предвидуваат дека далечинското учење или учењето од дома преку средствата за електронска комуникација се организира и треба да обезбеди двонасочна комуникација и разменување на податоци. Тоа значи образовниот процес да се организира без физичко присуство на вклучените страни во овој процес. Конкретно мислиме на видео-конференциските платформи, на електронската пошта и секое друго средство за електронска комуникација“,
објаснува Адеми.
Тој вели дека Просветниот инспекторат презема соодветни мерки, така што се испратени прашалници до училиштата за тоа како се спроведува онлајн наставата. За пристап на сите ученици до интернет, пак, вели дека се испратени дописи до училиштата така што ќе им бидат доделени ваучери за бесплатен интернет на децата од семејства без приходи.