Јовановски претходно бараше да биде изведен исклучиво пред Абази затоа што, како што тврдеше, „единствено има доверба во него“. „Бомбите“ што ги поседува, вели, се во форма на снимени разговори, транскрипти, пораки, фотографски и видеозаписи
Шефот на обвинителството за гонење организиран криминал и корупција Ислам Абази оформил предмет откако Бојан Јовановски-Боки 13 му испрати допис со кој побара прием кај него за да поднесе кривични пријави и да му предаде „бомби“, јави Макфакс.
За новинската агенција од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) рекле дека предметот е распореден кај надлежен обвинител кој ќе го сослуша Јовановски и потоа ќе му реферира на Абази. Шефот Абази нема да го сослушува бидејќи, како што рекле, тоа треба да го направат избраните обвинители.
Јовановски, пак, во дописот бараше да биде изведен исклучиво пред Абази и во присуство на своите адвокати Владимир Туфегџиќ и Сашо Дуковски и наведе дека бара приемот да биде кај шефот на ОЈО ГОКК затоа што „единствено има доверба во него“.
Тој преку својот адвокатски тим ги информира медиумите дека сака да поднесе кривични пријави за коруптивни и криминални дејствија на личности од највисоки државни структури од политиката, правосудството, бизнис-елитата и други лица.
„Бомбите“ што ги поседува, како што тврди, се во форма на снимени разговори, транскрипти, пораки, фотографски и видеозаписи.
Ваквите тврдења не се ништо ново за јавноста. Јовановски, кој е правосилно е осуден на девет години затвор во „Рекет“, уште во текот на судскиот процес тврдеше дека има компромитирачки материјали, а во неколку наврати во 2020 година беше во Основното јавно обвинителство (ОЈО) Скопје за да поднесува кривични пријави. Тогаш, исто како и сега, преку соопштенија до јавноста информираше дека кривичните се однесуваат на 40-ина лица.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ:
Боки не успеал да ги поднесе сите кривични, ќе продолжи на 3 јули
Кривичните на Боки се против најмалку 30 лица, тврди адвокатот
Боки преку писмо посочи дека кривичните се против 40-тина функционери, нивни блиски и бизнисмени