Идејата на Владата, како што во интервјуто за 360° на МРТ 1 објаснува вицепремиерот и министер за европски прашања, е дел од предметите предвидени со правосудниот испит да се полагаат на јазикот на кој ќе побара кандидатот (албански, турски, англиски…), а двата предмета што опфаќаат практичен дел да бидат на македонски
Според Правилникот за начинот на полагање на правосудниот испит објавен од Министерството за правда, тој се состои од два дела – првиот е писмен по предметите кривично и граѓанско право и се состои од решавање определен случај од практиката. Вториот дел од правосудниот испит е устен и се полага по сите предмети – кривично, граѓанско, трговско, трудово, уставно, управно право и судир на закони и меѓународна правна помош

360°: До каде сте со прашањето за полагање на правосудниот испит?
Беким Сали: Па, во делот на работата на комисијата која беше експертска комисија, таа фаза е завршена.
360°: Што е предлогот?
Беким Сали: Има неколку минорни измени со кои кандидатот ќе треба да поднесе барање на кој јазик сака да полага и ќе се даде право да полагаат и тие што студирале на албански, и на англиски, и на турски јазик, односно да можат да го полагаат правосудниот испит на јазикот на кој студирале.
360°: А, зошто се споменуваше дека еден дел, да речеме, писмениот на еден јазик, а усниот на друг јазик?
Беким Сали: Од пет предмети кои се полагаат со правосудниот испит – сите ќе бидат полагани на јазикот на кој ќе побара кандидатот. Само два предмета од нив имаат практичен дел во кој се работат случаи кои се судски процеси. Значи, повлечени случаи и тие ќе ги работат, се разбира, сите предмети се на македонски јазик во архивата на сите судови во државата и затоа ќе треба и да се работат на македонски јазик.

360°: Значи, ќе биде комбинација?
Беким Сали: Тоа е основно познавање и на јазикот и на случаите затоа што, нели, се очекува тие кандидати кои го поминале практичниот дел, односно пракса во некоја адвокатска канцеларија, нотарска или институција, веќе да бидат воведени во материјата и неа да ја познаваат.
360°: И кога очекувате ова да помине низ процедурите?
Беким Сали: Набргу, набргу. Значи, веќе сме спремни, тоа се процедури во Собрание… Значи, има одредени рокови, административни рокови.
360°: И тоа ќе биде ли прифатливо за студентите што протестираа?
Беким Сали: Па, би требало да биде прифатливо затоа што тие воопшто немаа право до денес да полагаат на ниту една, во ниту една форма, на друг јазик освен на македонски и барањето беше да полагаат на албански јазик. Така што, би требало да биде прифатливо. Доколку тоа е реално професионално барање, да кажеме, на студентите, за да полагаат на јазикот на кој студирале…
360°: Ако не се прокси на политичка партија?
Беким Сали: Апсолутно. Значи, тука ќе се видат тие поделби, ако се задоволни, зашто сметаме дека навистина биле загрижени за тоа на кој јазик ќе полагаат.
