Бојан Јовановски-Боки 13 во Основното јавно обвинителство (ОЈО) – Скопје денеска продолжи со поднесување кривични пријави, а како што изјави неговиот адвокат Сашко Дукоски, тие се за најмалку 30 лица. Конкретни имиња и денеска не беа споменати.
„Се поднесуваат кривични пријави против повеќе лица, најмалку 30 лица и поради сериозноста на наводите во кривичните пријави од страна на пријавувачот беше побарано непосредно вклучување на најрелевантните меѓународни институции за заштита на човековите права, особено на најрелевантните светски амбасади кои имаат свои дипломатско-конзуларни претставништва во Република Македонија заради содржината на тоа што се изјавува“,
изјави Дукоски.
Боки започна со поднесување на кривичните минатата недела, а досега, според неговиот бранител, поднесени се седум-осум, а веројатно нема да заврши ниту денеска, па ќе продолжи и во наредните денови.
Дукоски тврди дека кривичните се поткрепени со писмени и вербални докази, а неговиот клиент е подготвен и да сведочи доколку се започне постапка по наводите во пријавата.
Адвокатот минатата недела рече оти пријавите што ги поднесува Боки се за злоупотреба на службената положба и овластувања, изнуда, измама, давање лажен исказ, несовесно лекување, тортура, а денеска посочи дека дел од нив се и за кршење на човековите права и нехуман однос кон неговиот клиент.
Кривичните се доведуваат во корелација со двата предмета против Јовановски, „Рекет“ и „Меѓународен сојуз“, но Дукоски уште минатиот пат потенцира дека тоа не може да влијае за тој да си го олесни статусот во овие два случаи. Во предметот „Рекет“, Боки е осуден на 9 години затвор со неправосилна пресуда, а „Меѓународен сојуз“ започна на 1 јули, но се одложи уште на стартот поради барање за изземање на обвинителката Вилма Русковска.
Покрај Јовановски, и адвокатот рече дека е спремен да соработува со обвинителството откако излегоа информации дека добил заканувачки пораки на мобилниот телефон додека Боки во средата во негово присуство ги поднесуваше кривичните пријави. За добиените пораки, Дукоски посочи дека поднел кривична против непознат сторител за загрозување на сигурноста.