Трет ден, Бојан Јовановски – Боки 13, во Основното јавно обвинителство (ОЈО) – Скопје, поднесуваше кривични пријави, за кои денеска преку рачно напишано писмо кое го прочита неговиот адвокат, информира дека се против 40-тина носители на јавни функции, луѓе од нивните семејства и бизнисмени.
Тој наведува дека делата за кои ги поднесува кривичните се за злоупотреба на службената положба, измама, шпионажа, несовесно лекување и др.
Јовановски и преку писмото не наведува за кои функционери станува збор. Тој потенцира дека не можат да го спречат во неговата борба со, како што ги нарекува, криминалците без разлика на дали ќе му се закануваат и уценуваат. Тој на вакви притисоци се жалеше и претходно, но ниту за тоа не посочи конкретни имиња.
Денешното е негово трето спроведување во ОЈО – Скопје. Првпат беше однесен на 25 јуни, но ниту тогаш ниту на 3 јули, не успеа да заврши со поднесувањето на кривичните пријави.
Неговиот адвокат, пак, минатата недела кога даваше изјава за медиумите спомена бројка о 30-тина лица опфатени со кривичните, но и тој не сакаше да открие имиња.
Кривичните се доведуваат во корелација со двата предмета против Јовановски, „Рекет“ и „Меѓународен сојуз“, но Дукоски преходно потенцира дека тоа не може да влијае за тој да си го олесни статусот во овие два случаи. Во предметот „Рекет“, Боки е осуден на 9 години затвор со неправосилна пресуда, а „Меѓународен сојуз“ започна на 1 јули, но се одложи уште на стартот поради барање за изземање на обвинителката Вилма Русковска.