Од канцеларијата на Абас, исто така, соопштуваат дека очекуваната воена операција ќе ги загрози „мирот и безбедноста во регионот“

Кабинетот на палестинскиот претседател Махмуд Абас денеска соопшти дека планот на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху за воен напад врз Рафах, во Појасот Газа, има за цел да ги протера Палестинците од нивната земја, пренесува „Гардијан“ повикувајќи се на Ројтерс.
Од канцеларијата на Абас, исто така, соопштуваат дека очекуваната воена операција ќе ги загрози „мирот и безбедноста во регионот“.
Канцеларијата, која врши делумна самоуправа на Западниот Брег, додаде дека палестинската делегација „ќе ги смета за одговорни американската и израелската администрација за последиците од овој план“.
Палестинското претседателство го повика Советот за безбедност на ОН да биде претпазлив, „бидејќи преземањето на овој чекор (од страна на Израел) претставува закана за безбедноста и мирот во регионот и светот“, се наведува во соопштението.
Во Рафах во моментов има околу еден милион луѓе, од кои над 700 илјади се внатрешно раселени Палестинци, кои, во услови на пренатрупаност, се соочуваат со ширење на заразни болести и ризик од глад.
„Гардијан“ денеска, повикувајќи се на новинската агенција Асошиејтед прес (АП), пренесе дека израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху ѝ наредил на војската да подготви план за евакуација на населението во Рафах, пред очекуваната израелска инвазија на градот на југот на Газа.
Израелските власти тврдат дека Рафах е последното преостанато упориште на Хамас и дека треба да биде следна цел на војската во заокружувањето на планот за целосен пораз на Хамас.
Нетанјаху, како што јавува АП, рекол оти е потребна масовна операција во Рафах. За таа цел, како што изјавил, побарал од безбедносните служби да изготват двоен план, кој ќе вклучува евакуација на цивилите од градот и воена операција, која треба да доведе до колапс на палестинската милитантна група.
Претходно денеска израелските сили бомбардираа цели во Рафах.