Министерството за здравство на Газа, кое е под контрола на Хамас, утрово соопшти дека во нападите ноќеска биле убиени повеќе од 100 луѓе, од кои најмалку осум во градот Рафах. Во меѓувреме, палестинската Црвена полумесечина соопшти дека во нападот на Рафах се убиени и три деца
Израелската војска утрово извршила нови воздушни напади врз пренаселениот пограничен град Рафах на југот на Појасот Газа, кој е засолниште за повеќе од еден милиони Палестинци кои беа раселени од други делови на Појасот од почетокот на израелската офанзива против милитантите на Хамас.
Во нападите, како што пренесува Асошиејтед прес (АП), била погодена станбена зграда во Рафах и градинка, адаптирана во засолниште за раселени лица. Убиените и ранетите биле пренесени во блиските болници, чии тела ги виделе новинарите на АП, пренесува британски „Гардијан“.
Наредбите за евакуација, како што се наведува, сега покриваат две третини од Појасот Газа, а Израел изведува рутински воздушни напади и во областите на прибежиште, како што е Рафах, против, како што вели, цели на Хамас.
Израелските копнени сили сè уште се фокусирани на градот Кан Јунис, северно од Рафах, но премиерот Бенјамин Нетанјаху оваа недела изјави дека Израел подготвува копнена операција врз Рафах, што создаде паника кај стотици илјади раселени луѓе.
Изјавите на Нетанјаху го вознемирија и Египет, чии официјални претставници велат дека секоја копнена операција во Рафах или масовно раселување преку границата ќе го поткопа нејзиниот 40-годишен мировен договор со Израел.
Соединетите Американски Држави не поддржуваат копнена операција на Израел врз овој град. Ова вчера го потврди портпаролот на Стејт департментот, а нешто подоцна и американскиот претседател Џо Бајден во изјава пред новинарите рече оти смета дека израелскиот одговор во Појасот Газа бил претеран.
Израелската војска ги засили воздушните напади врз Рафах во четвртокот, а очевидци, како што пренесуваат медиумите, велат дека во текот на изминатата ноќ имало повеќе напади.
Министерството за здравство на Газа, кое е под контрола на Хамас, утрово соопшти дека во нападите ноќеска биле убиени повеќе од 100 луѓе, од кои најмалку осум во градот Рафах.
Во меѓувреме, палестинската Црвена полумесечина соопшти дека во нападот на Рафах се убиени и три деца.
Генералниот секретар на Обединетите нации (ОН), Антонио Гутереш, пред два дена изјави дека информациите дека Израел подготвува операција врз градот на југот на Газа се загрижувачки и дека таквиот потег експоненцијално ќе го зголеми она што веќе е хуманитарен кошмар во Газа.
Заменик-портпаролот на Стејт департментот, Ведант Пател, изјави дека САД сè уште не виделе никакви докази за сериозен план за копнена операција во Рафах.
Тој додаде дека градот е клучна влезна точка за хуманитарната помош за Газа и дека таков напад не е нешто што САД би го поддржале.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху завчера ги отфрли барањата што палестинската екстремистичка група ги постави како одговор на предлогот за прекин на огнот, кој минатата недела дојде од катарските и египетските посредници поддржани од САД и Израел.
Според Нетанјаху, секаков договор со кој Хамас би добил целосна или делумна контрола врз Појасот Газа е неприфатлив за Израел.