Опозициската коалиција на Алијанса за Албанците (АА) и Алтернатива денеска пред Уставниот суд поднесе иницијатива за оцена на законитоста на владината одлука српските туристи кои летово ќе поминуваат низ земјава да не плаќаат патарини.
Правниот застапник на коалицијата, Абидин Абдули, изјави дека оваа одлука била спротивна на Законот за уплата на патарини и во исто време ги става во нееднаква положба граѓаните од соседните држави коишто транзитираат преку Северна Македонија.
Владата во вторникот ја донесе одлуката за српските државјани да не плаќаат патарини во знак на благодарност кон соседната земја за вакцините против ковид-19.
Ослободувањето, според одлуката, ќе биде во текот на летната сезона, во периодот од 15 јуни до 15 август, а за таа цел ќе се издвојат 172 милиони денари со кои ќе се набават 200 000 картички за патарини кои ќе ги добијат српските туристи што транзитираат по Коридорот 10.