Претставник на Алијанса за Албанците (АА) – Алтернатива по завршувањето на свечената седница на Државната изборна комисија (ДИК) ги подигнал уверенијата за пратеници кои ги освои оваа коалиција – вкупно 12, соопштија од ДИК.
Во оваа Комисија се останати уште три уверенија: за двата пратеника на Левица и за еден на ДПА.
„Истите ќе се врачат во понеделник или кога избраните пратеници или овластени лица од страна на наведените политички партии ќе ги подигнат од ДИК“,
соопштија од Комисијата.
За време на свечената седница, пак, уверенијата ги подигнаа СДСМ и Коалицијата „Можеме“, ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „Обнова на Македонија“ и ДУИ.
Врачувањето следуваше откако претходно ДИК ги соопшти официјалните конечни резултати, во кои нема промена од неофицијалните кои беа објавени ден по изборите. Така, во новиот собраниски состав 46 пратеници ќе имаат СДСМ и Коалицијата „Можеме“, 44 ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „Обнова на Македонија“, 15 ДУИ, 12 АА и Алтернатива, 2 Левица и 1 ДПА.