Според интернет-страниците на трите најголеми синџири на продавници за бела техника и за електроника, поголема резерва има само за уредите што чинат над 35 000 денари. Се наоѓа и по некој поевтин модел, но за реткиот примерок понекогаш мора да се патува и во друг град
Неподготвени родители, неподготвени бизнисмени или неподготвена Влада, која предолго чекаше да објави – кој ќе смее а кој не физички да оди во училиште. Која и да е причината, фактите говорат дека во Македонија снема лаптопи по пристапни цени, инаку еден од основните ресурси за учениците од четврто одделение во основно училиште до четврта година во средно образование да можат да следат настава.
Краткото истражување што го направи „360 степени“ покажува дека не станува збор за неразумно поскапување на цените, туку, едноставно, резервите се потрошени
Најевтиното „парче“ во „Техномаркет“ е 42 000 денари
Интернет-страницата на синџирот на продавници „Техномаркет“ уште при пребарувањето дозволува да изберете – дали барате производи што во моментов ги има во резерва. Ако ја одберете соодветна коцка во менито со понуда за лаптоп-компјутери, ќе ви се појави актуелната понуда (на 2 октомври 2020 година). Таа се состои од вкупно шест производи, од кои најевтиниот е 41 999 денари, а најскапиот е 99 999 денари, доколку имате картичка за попуст од продавницата.

Дека не станува збор за покачување на цените, туку за потрошена резерва на поевтините производи може да се провери преку актуелно најевтиниот компјутер. Моделот „Huawei Matebook D14 AMD R7“ и во „Техномаркет“, но и во други домашни продавници чини 42 000 денари.
Доколку се пребара цената на меѓународните пазар, најбрзо се појавува понуда на верзијата во Велика Британија на интернет-продавницата „Амазон“. Истиот компјутер таму чини 44 000 денари или околу 650 британски фунти.
Во „Нептун“ има и поевтини, ама ретко во Скопје
На интернет-страницата на синџирот на продавници „Нептун“ има поголем избор на лаптопи што се достапни во моментов. Најевтиниот е 13 999 денари, но ако се провери каде е достапен, ќе дознаете дека го има само во три салони – Радовиш, Ресен и во скопски Аеродром. Слично е со сите други модели, кои во најголем дел ги нема во Скопје, и се до цената од 37 999 денари, по која се нуди „Acer A715-41G“.

Според интернет-страницата на „Нептун“, овој производ може да се најде во повеќе дуќани во земјата, вклучувајќи и неколку продажни салони во Скопје, меѓу кои во Чаир, Сарај, „Сити мол“, Аеродром. Лаптопите поскапи од овој модел, во најголем дел, се достапни во продавници во Скопје и во некои од поголемите градови.
И во „Сетек“ се при крај евтините модели
Според интернет-страницата на „Сетек“, компанијата во моментов има во резерва 10 модели на лаптопи, кои чинат помалку од 30 000 денари, при што најевтиниот е „ASUS X543UA“ е со цена од 13 999 денари. Но, моделот е достапен само во една од 29 продавници на синџирот – во скопски ГТЦ, кај „Холидеј ин“.
Слично е за следниот најевтин лаптоп, кој го има само во Гостивар и трендот продолжува за сите останати модели во групата до 30 000 денари.

Првиот компјутер што го има во повеќе од две продавници е „ASUS Vivobook S S531FL-BQ082“, кој чини 38 999 денари. Тој е достапен во магацинот на синџирот, ГТЦ, Ѓорче Петров, Радовиш, Гостивар и Куманово.
Ако се продолжи да се разгледува понудата и кај уште поскапи компјутери, факт е дека и меѓу нив има такви од кои нема голема резерва. Но, генерално, поскапите модели можат да се најдат и да се купат полесно.