Од Кривичниот суд во Скопје за „360 степени“ објаснуваат дека сега не бил потребен упатен акт, бидејќи таа веќе претходно имала еден кога и беше одложено заминувањето на издржување на казната
Гордана Јанкуловска денеска попладне е спроведена во затворот Идризово на издржување на затворската казна од 4 години за набавката на мерцедесот во случајот познат како „Тенк“.
Ова за „360 степени“ го потврдија и од Основниот Кривичен суд и од МВР.
Денеска попладне до Судот стигнала пресудата од Врховниот суд и со наредба на судија за извршување санкции Јанкуловска е спроведена во Идризово.
Од Кривичниот суд за „360 степени“ објаснуваат дека сега не бил потребен упатен акт, бидејќи таа веќе претходно имала еден кога и беше одложено заминувањето на издржување на казната.
Врховниот суд на 18 сепетмври ја потврди затворската казна за случајот „Тенк“ за набавката на блиндираниот „мерцедес“, според која, Груевски е осуден на две години затвор, a Јанкуловска и Ѓоко Поповски на по 4 години.
За осудениот Никола Груевски одлуката значи дека кога и да се врати во земјава ќе го чека извршување на казна затвор од најмалку две години. За осудениот Ѓоко Поповски, кој е единствениот што досега беше зад решетки во овој случај, одлуката значи дека ќе мора да продолжи да ја издржува казната затвор.
Колку време „доби“ Јанкуловска?
За Гордана Јанкуловска се водеше издвоена постапка во случајот „Тенк“ поради нејзината бременост и породување за време на постапката. Таа беше правосилно осудена на 28 март 2019 година, па набрзо потоа Основниот кривичен суд од Скопје ѝ достави упатен акт за издржување на четиригодишнатa казна затвор. Јанкулоска го обжали решението и доби кратко одложување до средината на летото, односно до моментот кога нејзиното новороденче би наполнило една година.
Една недела пред да треба да се јави во затвор, Јанкуловска доби ново одложување, но сега од Врховниот суд раководен од Јово Вангеловски. Таа побарала, а Врховниот суд прифатил поранешната министерка да не оди во затвор сѐ додека судот не донесе одлука по нејзиното барање за преиспитување на одлуката на Апелацискиот суд.
Правна можност за такво нешто Врховниот суд најде во Законот за кривичната постапка, но сепак станува збор за екстремно ретка пракса на највисокиот суд. Вообичаено, по правосилна пресуда на Апелацискиот суд за казна затвор, осудените од зад решетки ги чекаат одлуките на Врховниот суд.
Со сите одложувања, Јанкуловска доби околу една година и шест месеци на слобода, кои речиси секој друг граѓанин, најверојатно, би ги минал зад решетки.