Од Министерството за образование за „360 степени“ велат дека работат на надминување на проблемите, со цел до почетокот на учебната година да има функционална алатка за одржување онлајн-настава
Националната платформа за онлајн-настава падна за време на тестирањето и во моментов не е во функција. Учениците кои Министерството за образование ги повика да се запознаат со платформата пред почетокот на учебната година, не можат да се најават на своите профили.


Од Министерството за образование за „360 степени“ велат дека работат на надминување на проблемите, со цел до почетокот на учебната година да има функционална алатка за одржување на наставата.
„Тестирањето е дел од постапката за постигнување целосна функционалност на платформата. Во тест-фазата се детектираат и надминуваат сите предизвици. Со цел да обезбедиме потполно функционална платформа до почетокот на учебната година, тестирањата продолжуваат и во наредните денови“,
велат од МОН.
Од МОН претходно ги повикаа учениците и родителите во текот на викендот да ја посетат платформата за да се тестира дали системот ќе го издржи оптоварувањето. Оттаму објаснија дека на платформата се поставени видеоупатства и прирачници, но и други содржини кои на лесен начин треба да ги водат корисниците низ платформата.
Министерката за образование Миле Царовска рече дека националната платформа обезбедува учење на пет јазици: македонски, албански, турски, српски и бошњачки и ќе ја користат 250 000 ученици и 25 000 наставници во јавните основни и средни училишта.
Царовска најави дека и самите ученици ќе може да ја дополнуваат и да ја надградуваат платформата, со што, заедно со наставниците, ќе им се овозможи директно да учествуваат во унапредување на образованието.
Платформата е изработена во соработка на МОН со ФИНКИ и со помош на МАСИТ.