На средбата, претставниците на Синодот на МПЦ-ОА искажале благодарност за писмото упатено од премиерот до патријархот Вартоломеј
Премиерот Зоран Заев денеска примил делегација на Македонската православна црква – Охридска архиепископија (МПЦ-ОА), што ја предводеше г.г. Стефан, архиепископ на МПЦ-ОА, придружуван од митрополитите Тимотеј и Климент.
Како што соопштија од Владата, делегацијата на МПЦ-ОА на средбата изразила честитки за изборната победа и за новиот мандат на премиерот Заев, со, како што се наведува, „желби за успешна работа во услови на мир на Владата на Северна Македонија и за реализација на програмските определби за кои гласаше мнозинството на народот во земјата“.

На средбата, претставниците на Синодот на МПЦ-ОА искажале благодарност за писмото упатено од премиерот до патријархот Вартоломеј и Цариградската патријаршија и ја поздравиле оваа инцијатива како важна поддршка од Владата во процесот на обезбедување автокефалност на МПЦ-ОА.
Премиерот Заев на средбата изрази подготвеност да го поттикне ангажирањето на институционалните капацитети за затворање на денационализацијата на имотите што припаѓаат на МПЦ-ОА, како и за конзерваторските проекти за заштита на црковното културно наследство, коисе и приоритети на Министерството за култура.
На средбата со архиереите на МПЦ-ОА, премиерот Заев уште еднаш упатил честитки по повод 1000-годинишнината од Бигорскиот манастир „Св. Јован Крстител“, како еден од најважните црковни настани оваа година.
Средбата на премиерот со претставниците на МПЦ-ОА доаѓа два дена откако тој испрати писмо до Вартоломеј, а претходно до патријахот се обрати и шефот на државата Стево Пендаровски.
