Двете мафии, онаа на Заев и онаа која му се покори да му служи сакаат да имаат две партии, каде сложно ќе договoрат кога да се смени власта, рече Мицкоски
Со неколку барања кон власта, меѓу кои опозицијата да предлага јавен обвинител, да се направи ревизија на случаи, да одговараат одговорните за нелегалното прислушување, да се донесе Законот за заштита дискриминација и да се формира Комисијата за спречување дискриминација, заврши петтиот по ред протест на ВМРО-ДПМНЕ. Овој беше организиран на тема неправда, што беше јасно и од белото платно што го носеа демонстрантите на кое пишуваше „Против реваншизмот и политичкото насилство“.

И овој пат демонстрантите почнаа да маршираат од пред Министерството за правда кое е во непосредна близина на штабот на ВМРО-ДПМНЕ. Откако од штабот пристигнаа претседателот Христијан Мицкоски и останати функционери од партијата, толпата преку мостот Гоце Делчев стигнаа до Основниот кривичен суд во Скопје.
Скндирања „Оставка“, „Мафија, „Македонија“, „ВМРО“, но и пеење на песната „Едно име имаме“, можеа да се слушнат и на овој протест како и на претходните за струјата и за Гоце Делчев, без разлика на темата.
Транспарентите денеска беа различни, се однесуваа на темата, па така на нив можеше да се прочита: „Монструмите на слобода, уставобранителите во затвор“, „Вработени на улица, децата на власта на функција“, „За тегла ајвар затвор, за убиството кај Млечен слобода?!“…
Пред Мицкоски да ги испрати своите барања од говорницата пред Кривичен, зборуваа двајца говорници. И двајцата поврзани со настаните во Собранието на 27 април 2017 година.
Адвокатката Ружица Николовска, која беше дел од одбраната на обвинетиот шеф на обезбедувањето на Трајко Вељаноски, Горан Ѓошевски Леви, зборуваше за состојбите во судството. Го спомена судскиот слулај „27 април“, но и обвини дека обвинители водат лична борба против ВМРО-ДПМНЕ.
„Дали се испорача правда во предметот 27 април? Нашите браќа лежат во затвор за тој предмет. Дали испорачаа правда со смешната казна за таканаречениот Боро Малборо кој го наградија со лиценца за марихуана? Гледаме како обвинителите водат лична војна со ВМРО-ДПМНЕ“,
рече Николовска.

Како човек кој секојдневно е во овие згради, рече Николовска посочувајќи ги зградите каде се сместени судовите, можам да кажам дека имаме ние и чесни судии и професионални обвинители.
„За жал оние кои решиле да работат под палката на Заев го рушат кредибилитетот на правосудството. Слушнавме зборуваат за причиатување, какво? Упатуваат порака дека ќе бидат прочистени оние кои нема да постапуваат по нивен налог“,
рече Николовска.
Таа зборуваше и дека има неправди ком вработените во администрацијата, дека им се врши притисок и ги распоредуваат од едно на друго работно место.

Пратеникот Игор Дурловски, кој беше обвинет за настаните од 27 април, но доби ослободителна пресуда од првостепениот суд, беше вториот говорник и порача дека до крај ќе се бори за правда за оние кои беа со негп обвинети, а сега се во затвор.
„Сакам да им го порачам на нашите нраќа кои се во македонските затвори, неправедно обвинети, осудени. Ќе ги искористам сите закински и демократски инструменти, како што се борев за својата вистина, така ќе се борам до крај и за неправедно затворените, политички прогонуваните“,
рече Дурловски.
Мицкоски, како последен говорник во 16-минутното обраќање ги кажа барањата на неговата партијата. Но, без да спомене конкретни имиња се чини сакаше да упати порака и до оние кои бараат негова оставка по изборите односно до формираниот иницијативен одбор за вонреден конгрес на ВМРО-ДПМНЕ.
„Една помината ноќ на невин човек во затвор е потешка од десет години на робија на криминалец. Во затворите има луѓе кои се таму поради политички прогон, а овие за кои Заев велеше дека се криминалци денеска гледаме дека се најблиску до него. Целта е едноставна. Двете мафии, онаа на Заев и онаа која му се покори да му служи сакаат да имаат две партии, каде сложно ќе договoрат кога да се смени власта, а тоа е кога нив им одговара“,
рече Мицкоски.
Со неговото обраќање протестот заврши, набргу беше подигнато и озвучувањето, а булеварот пред комплексот судови стана прооден за сообраќај.

ВМРО-ДПМНЕ вечерашниот петти по ред тематски протест го започна пред Министерството за правда. Првиот протест по формирањето на новата влада опозицијата го започна на 9 септември. Со марш од пред Министерството за правда до Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ), партијата протестираше против поскапувањето на струјата.
Исто така за струјата, ВМРО-ДПМНЕ организираше уште два протести (на 11 и на 17 септември), но на нив со автомобили го блокираа сообраќајот околу просториите на РКЕ.
ВМРО-ДПМНЕ и нејзините поддржувачи, минатата недела (15 септември) одржа протестен марш кој го наслови За ЕУ, за Гоце Делчев и за Македонија“. И тој протест започна пред Министерството за правда, а заврши пред Министерството за надворешни работи каде толпата стигна движејќи се преку мостот „Гоце Делчев“.