Треба да работиме врз основа на тоа за што сме се договориле заедно, вели германскиот министер за Европа
Михаил Рот, германскиот министер за Европа, чија земја претседава со ЕУ до крајот на оваа година, денеска се осврна на бугарскиот документ објавен минатата недела во медиумите, во кои Софија бара нови услови за старт за преговорите со Северна Македонија, јави МИА од Брисел.
„Конечно, после долго време, успеавме да оствариме напредок со Северна Македонија во Европа. Германското претседателство од блиску внимава на тоа што се случува со Западен Балкан. И повеќе од тоа, ние сакаме да видиме посветеност од ЕУ. Западниот Балкан треба да смета на нас“,
изјави Рот.
Тој нагласи дека е постигнат значаен напредок за време на хрватското претседателство во март, кога земјите членки, по повеќе одлагања, конечно се согласија да дадат зелено светло за старт на преговори со Албанија и со Северна Македонија и дека целта на Германија е да се одржи првата меѓувладина конференција во декември оваа година.
„Ние себеси се гледаме како чесни олеснувачи, за да се изградат мостови стабилни за сите и разговараме за прашањата со нашите бугарски партнери, затоа што треба да работиме врз основа на тоа за што сме се договориле заедно. Не треба да воведуваме дополнителни критериуми и услови кои не фигурираат во заклучоците на Советот“,
рече Рот, кој деенска во Брисел имаше средба со македонскиот вицепремиер за европски прашања Никола Димитров.