Тој ја коментираше изјавата на првиот вицепремиер Груби за можно субвенционирање на вработувања во приватниот сектор по етнички клуч
Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи денеска истакна дека како Влада градат концепт на едно општество за сите и е неблагодарно јавните пари да се делат по етничка основа.
Одговарајќи на новинарско прашање во врска со изјавата на првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Артан Груби за можно субвенционирање на вработувања во приватниот сектор по етнички клуч, Битиќи рече дека пристапот и на претходната Влада, и на оваа Влада, е ист – секој граѓанин е еднаков и добива еднакви можности и еднаков третман.
„Неблагодарно е да целиме, јавните пари да се делат по етничка основа. Дали навистина за едно болно дете ќе треба да прашаме дали тоа дете е Албанец, Турчин или Македонец и така да ги даваме парите? Мислам дека во едно правично општество, тоа треба да го заборавиме. Единствен пристап треба да биде јавните средства да стигнуваат таму каде што е потребно“,
изјави Битиќи, на прес-конференцијата со директорот на Фондот за иновации и технолошки развој Јован Деспотовски, на која беа презентирани резултатите и компаниите кои добија поддршка на Јавниот повик за кофинансирани грантови за технолошки развој за надминување на последиците од ковид-19.