Се бара продолженото породилно отсуство да трае до Нова година, бидејќи сметаат дека до тогаш ќе има повеќе информации за новиот коронавирус, за степенот на ризик од посетувањето на градинките и неговото ширење во затворени простории
Дојдов да протестирам заедно со моето дете бидејќи нема кој да ми го чува, вели Гајтана Сотировска чија 14-месечна ќерка седеше во количката и си играше со флаерот на кој пишува „Малку ли сме?“.

Гајтана е една од мајките кои користат продолжено породилно отсуство и вели дека одлуката на Владата за укинување на оваа мерка и враќање на работа од 23 септември ќе остави многу родители да не знаат што да прават со своите деца. Таа вели дека по градинките нема место, но дури и да има, не би сакала да ја прати својата ќерка оти смета дека сега не е безбедно.
Бараат продолженото породилно отсуство да трае до Нова година, бидејќи сметаат дека до тогаш ќе има повеќе информации за новиот коронавирус, за степенот на ризик од посетувањето на градинките и неговото ширење во затворени простории.

„Бараме да се продолжи породилното отсуство, бидејќи сметаме дека во пракса нема да се изведе зголемувањето на деца по број во група, од шест на 12, затоа што ниту има време да се обезбеди простор и кадар, ниту градинките имаат капацитет за истото“,
велат родителите кои денеска протестираа.
Тие порачаа дека децата не се експеримент и нема да дозволат во ризик да се стават најмалите.
По искажувањето на револтот, родителите беа повикани во Владата на разговор, а исходот од средбата со владините претставници дополнително ќе го соопштат.
Владата претходно денеска во врска со реакциите на дел од родителите кои досега ја користеа мерката продолжено породилно отсуство, соопшти дека одлуката од 14 септември, според која сите родители на деца од 0 до 6 години, кои досега беа ослободени од работниот процес, треба да се вратат на работа почнувајќи од 23 септември, е донесена по претходна анализа и консултација со Комисијата за заразни болести.

„Со отворањето на установите за згрижување и воспитување деца на 9 септември, родителите на децата од 0 до 6 години да бидат надвор од работниот процес ја губи смислата“,
наведуваат од Владата, додавајќи дека оваа мерка изминатиов период беше во сила затоа што јавните установи за згрижување на деца, односно градинките не работеа.
Од Владата се повикуваат на податоците на Министерството за труд и социјална политика, според кои, во градинките во државата кои според Протоколот имаат капацитет да примат 19 000 деца, досега се запишани 14 555 деца.
Според информациите од Министерството, дел од родителите што веќе ги пријавиле децата, изминатиот период не ги носеле, поради што е побарано од нив да се изјаснат дали децата ќе доаѓаат во градинките.

Во координација со Комисијата за заразни болести донесена е и Одлука за проширување на капацитетите на групите во градинките од 0 до 2 години, на по 12 деца во група за да можат целосно да ги згрижат децата на мајките кои досега користеа продолжено породилно отсуство.
Владата, исто така, им препорача на општините како основачи на градинките, доколку има потреба, да обезбедат соодветно решение. Од тие причини, сметаат од Владата, беспредметно е родителите да не одат на работа.
*Поврзани вести: