Родителите кои користат продолжено породилно отсуство бараат мерката да се применува до крајот на декември, а не како што одлучи Владата тие да се вратат на работа од 23 септември
Барањата на родителите да се продолжи мерката за користење на продолжено породилно отсуство ќе се дискутираат од страна на Владата, најавија министрите за здравство и за труд и социјална политика, Венко Филипче и Јагода Шахпаска.
Денеска на средбата со родители по одржаниот протест пред Владата, разговараа за да најдат решение на настанатата ситуација. За родителите главно барање е тие да може да ја користат мерката за продолжено породилно отсуство до крајот на декември, бидејќи сметаат дека дотогаш ќе има повеќе инфмрации за ширењето на коронавирусот.
Од друга страна, на средбата министрите ги уверувале родителите на децата од 0 до шест години дека одлуката за да се укине оваа мерка и тие да се вратат на работа од 23 септември е донесена врз основа на сериозна анализа за безбедноста на децата во градинките, во консултација со Комисијата за заразни болести, како и врз основа на информациите дека во јавните установи за згрижување и воспитување на децата целосно се почитува Протоколот за активности во установите кој на минимум го сведува ризикот од ширење на ковид-19.
„Имаме целосно разбирање за вашата грижа. Затоа внимателно пристапуваме кон секоја одлука и од тие причини шест месеци го продолжувавме породилното отсуство. Но, како и во сите држави во светот, мора полека да се враќаме во нормала и затоа внимателно, преземајќи ги сите превентивни мерки, градинките ги отворивме и создадовме услови родителите да се вратат на работниот процес“,
вели министерот Филипче.
Според информациите од терен, министерката Шахпаска вели дека има доволно простор за приоритетните групи, односно за децата на самохраните мајки и за семејствата во кои двајцата родители работат.
„Градинките имаат капацитет за безбедна и целосна грижа на сите деца. Според Протоколот предвидовме приоритет за оние семејства на самохрани родители и двајца вработени, на кои тоа навистина им е неопходно. Градинките имаат капацитет од 19 000 места, а како приоритетни пријавени се 14 555 деца. Тоа значи дека бројката од самиот почеток не беше целосно исполнета, а имавме и случаи кога децата не престојуваа во градинка, а беа пријавени како приоритетни“,
вели Шахпаска.
Според министерката, по одлуката на Комисијата за заразни болести да се зголеми капацитетот на групите од 0 до 2 години од шест на 12 деца, дополнително е зголемен капацитетот за прием на деца.
Претставничките на мајките забележале дека враќањето во работниот процес ќе биде проблем и за родителите на децата од 6 до 10 години, но министерот Филипче потсетил дека мерката за нив е укината уште од 7 јули годинава и оттогаш тие се на работа.
Родителите и двајцата министри се согласиле да се следи состојбата на терен и во зависност од развојот на ситуацијата, Владата одлуките ќе ги носи единствено во интерес на граѓаните и на нивното здравје.