Засега не е планирано некое патување на грчкиот премиер Киријакос Мицотакис во Скопје. Можеби такво нешто ќе се случи во иднина, рече портпаролот на грчката влада, Стелиос Пецас, на денешниот редовен брифинг одговарајќи на новинарско прашање за евентуална посета на Мицотакис на нашата земја.
„Постои можност за една следна средба на премиерот и со господинот Заев и со Борисов, во рамките на ‘Тесалоники самитот’ во Солун. Ова ќе го видиме подоцна, во ноември“,
рече Пецас.
Евентуалната посета на Мицотакис на Скопје ја спомена премиерот Заев во интервју за МИА, кое во целост ќе биде објавено во текот на денот.
„Грчкиот премиер Киријакос Мицотакис сака да дојде во Скопје, затоа што сака да се потсети на тогашните години 1999-2000 кога бил главен, одговорен на Националната банка на Грција за аквизицијата или купувањето на Стопанска банка – Скопје. Тој има убави спомени од тој период. Нема дојдено од тогаш“,
вели Заев во интервјуто.

За вчерашната средба на премиерите на двете земји, портпаролот на грчката влада рече дека она што е важно е дека Грција секогаш ја поддржува европската перспектива на земјите од Западен Балкан, а секако и на Северна Македонија.
„Мислам дека покажавме дека во последно време доста напреднавме на сите нивоа. Во Парламентот веќе се доставени соодветните договори поврзани со напредокот на оваа соработка. Исто така, и досега кажавме дека претпристапните разговори на ниво на ЕУ се секогаш добар форум, за да се задоволат грчките интереси. При секое отворање и секое затворање на поглавјата во преговорите, ќе се рефлектира позицијата на нашата земја“,
рече Пецас.
