Истрагата на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција за изборното рекламирање да е транспарентна и неселективна, бара Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) откако вчера од ова обвинителство објавија дека влегле во три фирми сопственици на портали и дека ќе го проверуваат рекламирањето.
„Бараме од ОЈО со внимателност да пристапи кон понатамошната истрага со цел да не се создаде впечаток во јавноста дека истрагата е селективна само за една политичка партија зашто во регистарот на ДИК имаше пријавено 235 онлајн-медиуми со различни уредувачки политики, а речиси половина од нив без објективна информација кој стои зад нив. Освен ова, истрагата треба да е транспарентна и непристрасна со цел да се избегне перцепција дека со вакви активности органите на прогонот сакаат да ги заплашат професионалните онлајн-медиуми“,
велат од ЗНМ.
Од Здружението потсетуваат дека кога се носел Изборниот законик тие инсистирале да се укине праксата на платена политичка пропаганда во медиумите, но наместо тоа политичките партии консензуално уште повеќе ги намалиле критериумите за тоа кои онлајн-медиуми можат да се пријават во ДИК за платена политичка програма.
Во официјалното соопштение што вчера го објави Обвинителството, во множина беше најавено дека ќе се проверува рекламирањето на политичките партии. За вчерашното влегување во три фирми кои имале портали, оттаму не посочија за реклами на која политичка партија станува збор, но во јавноста излегоа неофицијални информации дека во прашање е рекламирањето на ВМРО-ДПМНЕ.
Сомнежите на органите на прогонот се дека во предизборниот период наменски биле отворани портали без импресум, адреса на седиште и без објавување на ценовник за рекламирање.
Од двете политички најголеми политички партии, пак, излегоа со меѓусебни обвинувања за злоупотреби.
Портпаролот и пратеник на СДСМ, Костадин Костадинов, денеска излезе со изјава дека предметот што го отвори Обвинителството покажува дека во ВМРО-ДПМНЕ ништо не се сменило. Тој посочи дека опозициската партија минатата година ја затворила сметката за претседателската кампања на Гордана Силјановска-Давкова со долг од околу 400 илјади евра, спротивно на Изборниот законик. Претходно, рече Костадинов, Груевски оставаше долгови од по три милиони евра.
Од ВМРО-ДПМНЕ, исто како и вчера, излегоа со обвинувања и кон социјалдемократите и кон обвинителството. СДСМ, велат од опозицијата, поради страв од народот кој излегува на протести го активирал политичкото обвинителство, а тоа пак, обвинуваат, молчи и го крие рекламирањето на СДСМ.
„Вистината е дека сето рекламирање на партијата ВМРО-ДПМНЕ е транспарентно и законски. СДСМ дневно трошеше на социјалните мрежи за рекламирање околу 27 илјади евра на ден што пак во текот на кампањата достигнува цифра од над половина милион евра за реклами само за на социјалните мрежи. Во извештајот на СДСМ ги нема реално потрошените десетици илјади евра дневно, за еден ден рекламирање на социјални медиуми, СДСМ не ги пријавува, а СДСМ прикажува само 17 илјади евра потрошени за таа намена за цела кампања и нема истрага. Русковска не реагира“,
велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Платеното политичко рекламирање, кое сега го проверува Обвинителството, се плаќа од буџетот. Според Изборниот законик, трошоците ги исплаќа Државната изборна комисија (ДИК) врз основа на доставена фактура од страна на медиумите, како и медија-план и извештај за реализирани услуги и од страна на политичката партија.