Тој на Инстаграм објави видео од собирањето докази во хотелската соба каде што престојувал пред да му се слоши
Рускиот опозиционер Алексеј Навални на Инстаграм објави видео од хотелската соба во која престојувал во сибирскиот град Томск, каде што тврди дека бил отруен.
На видеото тој ги потенцира шишињата со вода во кои тој тврди дека бил ставен отровот.
Германија, каде што Навални се наоѓа на лекување, потврди дека тој бил отруен со нервниот агенс новичок, кој потекнува уште од времето на Советскиот сојуз, што Москва го негира со објаснување дека не постојат докази за тоа.
Претходно се претпоставуваше дека Навални е отруен на аеродромот во Томск, каде што пиел чај.
На Навални му се слоши за време на летот од Томск за Москва минатиот месец, при што беше хоспитализиран во Русија, а потоа беше префрлен на лекување во Германија.
Пред неколку дена, тој објави фотографија од болничката соба, прва откако беше разбуден од кома.