Договорот од Преспа не е само решение за спорот за името меѓу двете земји, туку и договор за долгорочно стратешко партнерство и за развој на широк план на односите меѓу двете земји
Две години по потпишувањето на Договорот од Преспа, конструктивните опоненти на договорот во двете земји прифатија дека станува збор за историски договор од огромно значење за иднината на народите на двете земји, е заедничка оценка на премиерот Зоран Заев и поранешниот грчки премиер Алексис Ципрас, кои во 2018 година го постигнаа Договорот.

Договорот од Преспа не е само решение за спорот за името меѓу двете земји, туку и договор за долгорочно стратешко партнерство и за развој на широк план на односите меѓу двете земји, заклучиле Заев и Ципрас на средбата, која се одржа денеска во грчкиот парламент, на крајот на дводневната посета на нашата делегација.

Ципрас, кој како претседател на СИРИЗА сега е лидер на опозицијата во Грција, и Заев, како што соопштија од владината прес-служба, потенцирале дека Договорот направи пресврт во односите меѓу двете земји и ги откочи евроатланските процеси на Северна Македонија, која оваа година стана членка на НАТО и го очекува стартот на преговорите со Европската Унија, веднаш по меѓувладината конференција која треба да се одржи додека со Советот на ЕУ претседава Германија.

Сега се очекуваат значајни политички одлуки за олеснување на иницијативите на бизнис заедниците меѓу двете земји, како што се договорите за избегнување на двојното оданочување и за заштита на инвестициите.
Од Ципрас, Заев ја слушна истата порака како и од сегашниот премиер, а во времето на потпишувањето на Договорот, лидер на опозицијата, Киријакос Мицотакис, дека Грција и во европските интеграции на нашата земја останува силен партнер, поддржувач и лобист за успешна завршница на овој процес. На средбата со Ципрас присуствуваа и вицепремиерите за европски и за економски прашања, Никола Димитров и Фатмир Битиќи.


Заев претходно во текот на работниот ручек разговараше со Мицотакис, за спроведување акцискиот план од Договорот од Преспа, со акцент на работата на заедничките комитети за историските, образовните и археолошките прашања, како и за бизнис-дијалог, со цел за изнаоѓање решенија за заштитените марки и брендови.
Поврзани вести:
Заев е уверен дека Грција ќе биде главен лобист во процесот за преговори со ЕУ
(ФОТО) Заев и Мицотакис седнаа на иста маса во Атина
Од опозиционер-националист до премиер-реалист: Мицотакис за Договорот од Преспа