Бугарија испрати Меморандум до ЕУ во кој на шест страници содржи долги историски образложенија во пресрет на отворањето на преговорите
Дипломатски извори во Брисел велат дека е нормално на почетокот на дискусиите во ЕУ секоја страна на да ги образложи своите позиции
Бугарија до земјите – членки на ЕУ испратила Меморандум во кој на шест страници обвинува за „државна антибугарска идеологија“ во Северна Македонија.
Објаснувачкиот меморандум кој е на шест страници е испратен до ЕУ во пресрет на одлуката за отпочнувањето на преговорите на нашата земја со Унијата.

Во него, како што објави МИА, која дојде до неговата содржина, се осврнува долго на историјата, Тито, Коминтерната и обвинува за „етнички и јазичен инженеринг“ во Северна Македонија.
По неколку пасуси посветени на историските прашања од Втора светска војна и Југославија, Софија оценува дека главните отворени прашања помеѓу неа и Скопје се јазикот, заедничката историја и малцинските прашања. Бугарија смета дека работата на заедничката експертска комисија за историја е блокирана поради тоа што македонската страна одбивала да се договори за концептот на „заедничка историја“, наместо тоа се користела со термини како „споделена“. Поради ова, смета Софија, довербата е поткопана помеѓу двете страни.
Што се однесува до јазикот, Софија во Меморандумот, го користи македонскиот јазик под наводници и смета дека до втори август 1944 не постоел ниту македонски јазик, ниту македонски етнички идентитет, и дека тие се создадени со цел да се поделат и одвојат народите во Социјалистичка Република Македонија и Бугарија. Софија ја доведува во прашање кодификацијата на македонскиот јазик и смета дека тој е регионален дијалект на бугарскиот.

Бугарија оценува дека употребата на терминот македонски јазик во Преспанскиот договор не е обврзувачки за трети страни, а не ја смета за обврзувачка ниту стандардизацијата на Обединетите Нации од 1977 кога е признат македонскиот јазик. Па така, сега Софија бара во ЕУ документите да стои !„официјалниот јазик на Република Северна Македонија или во случај на апсолутна потреба „македонски јазик со фуснота“.
Софија исто така ги информира своите ЕУ партнери дека Северна Македонија нема основ да бара права за ниедно население во Бугарија, како што се договорија двете страни, но обвинува дека македонските власти не ја смениле политиката кон лица и организации кои бараат признавање на македонско малцинство во Бугарија, со што го прекршиле членот единаесет од спогодбата.
Властите во Софија посочуваат дека земјите – кандидати не треба да внесуваат отворени спорови во ЕУ, и смета дека несогласувањата со Скопје претставуваат нерешен конфликт кој „би можел при зачленувањето на Северна Македонија негативно да влијае врз носењето одлуки во ЕУ“. Бугарските власти ја повикуваат Северна Македонија да изнајде долготрајни решенија со искрена политичка волја и храброст и да „раскине со идеолошкото наследство од комунистичка Југославија“.
Брисел без реакција
Од институциите на ЕУ нема реакција за сега на овој бугарски документ. Но, дипломатски извори за МИА велат дека е нормално на почетокот на дискусиите во ЕУ секоја страна да ги образложи своите позиции, и дека е вообичаено да бидат максималистички, но останува надеж дека ќе може да се најде заеднички прифатливо решение со Софија за да започнат преговорите за членство во Северна Македонија пред крајот на оваа година.
Копретседавачот на Македонско-бугарската Мешовита комисија за историски и образовни прашања од македонска страна, Драги Ѓоргиев за бугарската ТВ Европа, најави дека комисијата ќе се сретне овој месец.
Ѓоргиев притоа потврдува дека Гоце Делчев останува клучното спорно прашање и оти дијалогот за тоа треба да продолжи, а за заканите од Софија за можна блокада на стартот на преговорите на Северна Македонија со ЕУ смета дека би била погрешна политичка одлука што може да им зададе голем удар на односите меѓу двете земји.
Бугарскиот вицепремиер и министер за одбрана Красимир Каракачанов во изјава за ТВ 24 минатата недела најави дека неговата земја ќе ја блокира првата меѓувладина конференција на Северна Македонија со ЕУ ако не се постигне согласност во разговорите во рамки на Мешовитата експертска македонско-бугарска комисија за историски прашања.
Тој ги обвини макеоднските власти за некоректност и за избегнување за решавање на проблематичните прашања и на средбите на Комисијата, истовремено очекувајќи поддршка од ЕУ.
Поранешниот бугарски претседател, Росен Плевнелиев смета дека неговата земја нема да ја блокира Северна Македонија, но истакува дека Бугарија настојува „да се исчисти историјата од манипулации“.